1Воскликни Му на Бога, Земјо цела!
2Воспејте го името Негово, воздајте Му слава и похвала!
3Кажете Му на Бога: колку се страшни делата Твои! Поради големината на силата Твоја, ќе Ти се покоруваат непријателите Твои.
4Целата земја Ти се покорува и Ти пее, Ти пее на Твоето име!
5Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во чудата Свои за синовите човечки.
6Тој го претвори морето во суво; преку река минаа со нозе; таму се зарадувавме во Него.
7Со Својата моќ Тој владее вечно; Неговите очи гледаат на народите за да не се кренат бунтовниците.
8Благословувајте Го, народи, нашиот Бог и искажете Му похвала гласно.
9Тој ѝ даде живот на душата наша и не дозволи да потклекнат нозете наши;
10Ти нѐ испита, Боже, нѐ очисти, како што среброто со оган се пречистува.
11Ти нѐ воведе при примка, ни стави товар на нашите плеќи.
12Допушти луѓето да ни се качат на глава. Минавме низ оган и вода, но нѐ изведе да здивнеме.
13Ќе влезам во Твојот дом со сепаленица, ќе Ти ги исполнам моите завети,
14што ги изговорија усните мои и ги искажа устата моја кога бев во неволја.
15Мрсни сепаленици ќе Ти принесам Тебе, со кадило од овни, ќе Ти принесам Тебе и волови и кози.
16Дојдете и чујте вие сите кои се боите од Бога и ќе ви раскажам сѐ што направи Тој за душата моја.
17Повикав кон Него со устата моја и Го возвеличив со јазикот свој.
18Да мислев беззаконие во срцето мое, Господ немаше да ме услиши.
19Но ме услиши Господ, го чу гласот на молењето мое.
20Нека е благословен Бог, Кој не ја отфрли молитвата моја и не ме остави без милоста Своја!