1Чуј го, Боже, гласот мој, кога Ти се молам; зачувај ми го животот мој од непријателот што ме застрашува.
2Сокриј ме од тајните завери на грешниците, од плановите на злочинците.
3Тие ги наострија јазиците свои како меч, тие исфрлаат ранливи зборови, како стрели,
4за да стрелаат скришно на непорочниот; тие стрелаат ненадејно врз него, без страв.
5Тие цврсто се договорија за зло; се договорија како да ја прикријат замката, па си рекоа: кој ќе нѐ види?
6Сонуваат за злодела, скришни заговори кројат. Зашто, човековото срце и ум се длабока бездна.
7Но Бог ќе ги застрела, ќе ги рани ненадејно.
8Сопствениот јазик пропаст ќе им донесе; сите оние што ќе ги видат ќе се стаписаат.
9И секој човек ќе се уплаши. Ќе се раскажува за делата Божји и ќе размислуваат за она што Тој го изврши.
10А праведниот ќе се развесели во Господ и ќе прибегне кај Него; и ќе се веселат сите кои се праведни по срце.