Psalms 40
1 Трпеливо се надевав на Господ, и Тој се наклони над мене и ја чу молитвата моја,
2 и ме изведе од длабината на јазот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои;
3 а во устата моја вложи нова песна — похвала за нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господ.
4 Блажен е оној човек што верува во Господ и не се обраќа кон горделивите, кон оние што застрануваат по лажни богови.
5 Многу чудесни дела си направил, Господи, Боже мој, многу мисли чудесни — кој може да се спореди со Тебе!? Почнав да ги објавувам и да зборувам за нив, но тие број немаат!
6 Жртви и приноси Ти не бараш, но ушите ми ги отвори; сепаленица и жртва за грев Ти не побара.
7 Тогаш реков; еве, идам; во свитокот на книгата за мене е напишано;
8 со задоволство ќе ја исполнам волјата Твоја, Боже мој; Твојот закон е во срцето мое.
9 Ја објавив Твојата правда во големото собрание; не ѝ бранев на устата моја; Ти го знаеш тоа, Господи.
10 Твојата правда не ја сокрив во срцето мое, ја објавив верноста Твоја и спасението Твое; и не ги затаив Твојата милост и Твојата верност од собранието.
11 Но, Господи, не отстранувај го милосрдието Твое од мене; Твојата милост и Твојата верност нека ме пазат постојано,
12 зашто зла безбројни ме опкружија; ме притиснаа беззаконијата мои, и не можев дури ни да гледам, — тие се повеќе од влакната на главата моја; а и срцето мое ме остави.
13 Благоволи, Господи, да ме избавиш; Господи, побрзај ми на помош!
14 Нека се засрамат и нека поцрвенат сите, кои бараат да ја погубат душата моја! Нека бидат вратени назад и нека бидат предадени на потсмев оние, кои ми сакаат зло.
15 Нека се скаменат од срам оние, кои сакајќи да ми се наругаат велат: „Аха! Аха!“
16 А нека се зарадуваат и нека се развеселат во Тебе сите, кои Те бараат, и оние што сакаат спасение од Тебе непрестајно нека зборуваат: велик е, велик — Господ!
17 А јас сум сиромав и беден; но Господ се грижи за мене. Ти си помошник мој и заштитник мој, Боже мој, не задоцнувај.