1Господи, во јароста Своја не карај ме и во гневот Свој не казнувај ме,
2зашто стрелите Твои се забија во мене, и Твојата рака тежи врз мене,
3нема ништо здраво на моето тело од Твојот гнев; во коските мои нема мир поради гревот мој;
4зашто беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа.
5Смрдат и гнојат раните мои поради безумието мое.
6Се згрбавив и се стопив сосема, цел ден натажен одам;
7слабината ми е воспалена, нема здраво место на телото мое.
8Исцрпен сум и дотолчен; рикав поради воздишките на срцето мое.
9Господи, пред Тебе се сите мои копнежи, и мојата воздишка не е сокриена од Тебе.
10Срцето засилено ми бие, ме напушти силата моја, и светлината на очите мои, — и неа ја нема во мене.
11Моите пријатели и моите ближни се приближија и не се доближија; застанаа подалеку од мене,
12а оние што ја бараат душата моја, ми поставуваат примки, говорат за пропаст и секој ден кројат сплетки;
13а јас, пак, како глув не слушам и како нем сум, кој не ја отвора устата своја;
14станав како човек што не слуша и што во устата своја нема одговор,
15зашто на Тебе, Господи, се надевам; Ти ќе одговориш, Господи, Боже мој.
16Зашто се молам само да не се погордеат над мене; и кога ќе ми се поколебаат нозете мои, тие да не се кренат над мене.
17Готов сум да паднам, и болот мој секогаш е со мене.
18Беззаконието свое го признавам и ќе жалам поради гревот мој.
19А оние што ми се непријатели без причина се силни, и се намножија оние што неправедно ме мразат,
20ми враќаат зло за добро, ми станаа противници, зашто јас сум за добро.
21Не оставај ме, Господи, Боже мој, не оддалечувај се од мене;
22побрзај да ми помогнеш, Господи, Спасителе мој!