1Алилуја! Фалете Го Господа на небесата, фалете Го, на висините.
2Фалете Го, сите ангели Негови, фалете Го, сите војски Негови.
3Фалете Го, сонце и месечино, фалете Го сите ѕвезди и светила.
4Фалете Го, небеса на небесата и води над небесата.
5Нека го фалат името на Господ, зашто Тој заповеда — и се создадоа;
6ги постави засекогаш и за вечни времиња; даде наредби кои нема да се нарушат.
7Фалете Го Господа од Земјата, вие, сите чудовишта и бездни;
8огнот и градот, снегот и мразот, и ти, бурен ветру, кој го исполнуваш словото Негово;
9гори и сите возвишенија, плодородни дрвја и сите кедри,
10ѕверови и сиот добиток, влекачи и птици крилати,
11цареви земни и сите народи, кнезови и сите земни судии,
12момчиња и девојки, старци и деца —
13сите нека го фалат името на Господ; зашто е само Неговото име возвишено; Него Го фалат на небото и на Земјата.
14Тој ќе ја подигне силата на Својот народ; Тој ги прославува сите Свои светии, синовите Израелови, на народот, кој Му е близок.