1Нека е благословен Господ, Карпата моја, Кој ги учи рацете мои за борба и прстите мои за војна.
2Тој е милост моја и прибежиште мое, мој застапник и избавител мој — и јас на Него се надевам. Тој ми го потчинува мојот народ мене.
3Господи, што е човекот, па внимаваш на него, или син човечки — та да се сеќаваш на него?
4Човекот е како здив; дните негови одминуваат како сенка.
5Господи, приклони ги небесата Свои и слези; допри се до горите, и тие ќе се здимат;
6болсни со молњи и растерај ги, пушти ги стрелите Свои и распрсни ги;
7подај ја раката Твоја од височини, изведи ме и избави ме од многуте води, од рацете на туѓински синови,
8чии усти кажуваат лага и чија десница е десница на неправдата.
9Боже, нова песна ќе Ти испеам, ќе Ти свирам на харфа со десет жици.
10Ти им даруваш спасение на царевите, Ти го избави Твојот слуга Давид од остар меч.
11Избави ме и отми ме од рацете на туѓинските синови, чии усти лага говореа и чија десница е десница на неправдата.
12Дај синовите наши да се како нови насади во младоста своја, нашите ќерки — накитени и украсени како столбови во храмот.
13Да ни бидат полни житниците наши, во изобилие со секаква храна; да се плодат овците наши по пасиштата свои.
14И воловите да ни се угоени, да нема паѓање на оградите, ни ропство, ниту офкање по улиците наши.
15Блажен е оној народ, кој го има тоа! Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!