1Алилуја! Фалете го името Господово, фалете го, слуги Господови,
2вие кои стоите во домот Господов, во дворовите од домот на нашиот Бог.
3Фалете Го Господа, зашто Господ е добар; пејте Му на името Негово, зашто тоа е мило;
4зашто Господ го избра Јаков за Себе, Израел за Свој сопствен посед.
5Бидејќи знам дека Господ е велик и дека нашиот Господ е над сите богови:
6Господ прави сѐ што ќе посака, на небото и на Земјата, во морињата и во сите бездни;
7доведувајќи облаци од краиштата на земјата, молњи при дожд создаде, Тој, Кој ги изведува ветровите од скровиштата нивни,
8Оној, Кој ги порази првородените во Египет од човек до добиток,
9покажа знаци и чудеса среде тебе, Египте, на фараонот и врз сите слуги негови,
10порази многу народи и истреби силни цареви:
11Сихон, царот аморејски, и Ог, царот башански, и сите цареви ханански;
12и му ја даде нивната земја во наследство на Својот народ Израел.
13Господи, името Твое е вечно; Господи, споменот за Тебе е од род во род.
14Зашто Господ ќе го штити Својот народ и ќе биде милостив над слугите Свои.
15Идолите на незнабошците се сребро и злато, дело на раце човечки;
16имаат уста, но не говорат; имаат очи, но не гледаат;
17имаат уши, но не слушаат ниту, пак, во устата нивна има здив.
18Слични на нив ќе бидат и оние, кои ги прават, и секој кој на нив се надева.
19Доме Израелов, благословувај Го Господа! Доме Аронов, благословувај Го Господа!
20Доме Левиев, благословувај Го Господа! И вие, кои се боите од Господ, благословувајте Го Господа!
21Нека е благословен Господ од Сион, Кој живее во Ерусалим!