1Се радувам дека Господ ќе го услиши гласот на моето молење,
2зашто го приклони кон мене Своето уво, и затоа ќе Го повикувам преку сите мои дни.
3Смртни болки ме обзедоа, пеколни маки ме стигнаа; се најдов во неволја и мака.
4Тогаш го повикав името Господово: О, Господи, избави ја душата моја!
5Милостив е Господ и праведен, и милосрден е нашиот Бог.
6Господ ги пази слабите: бев во мака и Тој ми помогна.
7Врати се, душо моја, во својот мир, зашто Господ постапи добро со тебе,
8бидејќи душата моја ја истргна од смрт, очите мои — од солзи, и нозете мои — од сопнување.
9Одам со благодарност пред лицето на Господ во земјата на живите.
10Верував и кога говорев: во голема мака сум.
11Во мојата необмисленост си реков: секој човек е лажливец.
12Што да Му дадам на Господ за сите Негови добрини што ми ги направи мене?
13Ќе ја земам чашата на спасението и името на Господ ќе го повикам.
14Заветите ќе Му ги упатам на Господ пред целиот Негов народ.
15Скапа е во очите на Господ смртта на Неговите светии.
16О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови.
17Тебе ќе Ти принесам благодарствена жртва;
18ќе ги исполнам заветите мои на Господ пред сиот Негов народ.
19Во предворјето на домот Господов, среде тебе, Ерусалиме!