1Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова!
2Така да велат избавените од Господ, оние што ги откупи од непријателска рака.
3И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето.
4Тие скитаа по безводната пустина и нигде пат ниту населен град не најдоа;
5трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив,
6но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Тој ги избави од нивните неволји
7и ги поведе по правиот пат, за да одат кон населен град.
8Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки:
9зашто Тој ја напојува жедната душа и душата гладна ја исполнува со блага.
10Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо;
11бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се противеа на волјата на Севишниот.
12Тој го скрши нивното срце со мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне.
13Тогаш во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од маките нивни;
14ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни.
15Нека Го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки,
16зашто Тој ги здроби бронзените порти и ги скрши железните резиња.
17Неразумните страдаа поради своите грешни патишта и поради беззаконијата свои!
18Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта.
19Но во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од неволјите нивни;
20го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст.
21Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова спрема синовите човечки!
22Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост.
23Оние што запловија по море на кораби, што имаа работа по големите води —
24тие ги гледаа делата на Господ и чудесата Негови во длабочините.
25Тој рече — и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови;
26се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата;
27тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува.
28Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господ, и Тој ги изведе од маките нивни.
29И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа.
30Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Тој ги упати кон нивното сакано пристаниште.
31Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки!
32Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините!
33Тој претвора реки во пустина, и водни извори — во сушна земја,
34земја плодородна — во солница, поради злобата на оние што живеат во неа.
35Тој претвори пустина во езеро, а сува земја — во земја со водни извори;
36таму насели гладни, а тие изградија град за живеење;
37засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови.
38Тој ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивен Тој не им го намалуваше.
39Кога беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата,
40Тој изли презир над кнезовите и ги остави да скитаат по пустината, каде што нема патишта.
41Но бедниот го извлече од сиромаштија, го умножи родот негов како овчо стадо.
42Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја злоба си ја затвора устата своја.
43Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова.