Proverbs 7
1 Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои.
2 Пази ги заповедите мои, и ќе живееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои.
3 Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое.
4 Кажи ѝ на мудроста: „Ти си ми сестра!“ — и наречи го разумот твој роднина,
5 за да те пазат од туѓа жена, која зборува пријатно.
6 Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка,
7 и видов меѓу неискусните, забележав меѓу младите едно неразумно момче,
8 кое минуваше преку плоштадот близу до нејзиниот агол и кое одеше по патот кон нејзината куќа,
9 на квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот.
10 И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце,
11 зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи:
12 де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици.
13 Таа го зграпчи, го бакна и со бесрамно лице му зборуваше:
14 „Жртва за мир имам денес: денес ги исполнив заветите свои;
15 затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов;
16 со покривки го украсив леглото свое, со разнобојни платна египетски;
17 леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин;
18 дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување,
19 зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат;
20 една ќеса сребро зеде со себе; ќе си дојде дома кон полната месечина.“
21 Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овладеа.
22 Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како елен — на истрел,
23 додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за нејзина погибел.
24 И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја.
25 Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини,
26 зашто таа многумина смртно ранила, и многумина јунаци таа убила.
27 Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта.