Proverbs 6
1 Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг,
2 ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста.
3 Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го;
4 не давај им сон на очите твои и дремка на клепките свои,
5 спасувај се како срна од стапица и како птица од птичар.
6 Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар.
7 Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник;
8 но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја.
9 До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш?
10 Малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш:
11 и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник.
12 Човек лукав, човек нечестив оди со лажлива уста,
13 намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите,
14 во срцето негово има подмолност: тој смислува зло во секое време, сее раздори.
15 Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен — и не ќе има лек за него.
16 Еве шест работи, кои Господ ги мрази — дури седум, што Му се одвратни на душата Негова:
17 очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв,
18 срце што крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло,
19 лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.
20 Синко, чувај ја заповедта на својот татко и не отфрлај ја поуката на мајка си;
21 врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој.
22 Кога тргнуваш, тие ќе те раководат; кога легнеш да спиеш, ќе те чуваат, а кога ќе се разбудиш, ќе разговараат со тебе;
23 зашто заповедта е светило, добриот совет — светлина, а поуката — пат кон животот,
24 за да те чуваат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа.
25 Не посакувај ја убавината нејзина во срцето свое, и да не те вовлече со трепките свои,
26 зашто блудната жена се задоволува со корка леб, а жена прељубодејка го уловува скапоцениот живот.
27 Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова?
28 Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои?
29 Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жената на ближниот свој; оној што ќе се допре до неа, нема да остане без вина.
30 Не му проштеваат ни на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен;
31 ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот.
32 Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубува душата своја, оној што го прави тоа;
33 биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише,
34 зашто љубомората ја разгорува јароста на мажот, и во денот на одмаздата своја — тој не ќе знае за милост,
35 нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци.