1Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите на разум,
2зашто добар дар ви дарувам; не оставајте ја мојата заповед.
3Зашто и јас бев сакан син на татко ми, и како единец омилен на мајка ми;
4и татко ми ме поучуваше и ми велеше: зборовите мои задржи ги во срцето твое; пази ги моите заповеди и не заборавај ги!
5Здобивај се со мудрост, придобивај разум; не заборавај го тоа и не отстранувај се од зборовите на устата моја.
6Не оставај ја, — и таа ќе те чува, сакај ја, — и таа ќе се грижи за тебе.
7Најважна е мудроста: придобивај мудрост и за сиот свој имот придобивај разумност.
8Високо цени ја, и таа ќе те воздигне; таа ќе те прослави, ако ја прегрнеш,
9ќе положи на главата твоја прекрасен венец, со великолепна круна ќе те дари.
10Слушај, синко, и прими ги зборовите мои, — и ќе ти се умножат годините на животот.
11Ти го покажувам патот на мудроста, те водам по прави патеки.
12Ако одиш, нозете твои нема да се сопнат, и ако потрчаш, нема да се измориш.
13Држи се здраво за поуката, не оставај ја; пази ја, бидејќи таа е твојот живот.
14Не оди на пат безбожнички и не оди по патот на лоши луѓе;
15остави го, не оди по него, отстрани се од него и заобиколи го;
16зашто тие не заспиваат, ако не направат зло; и сон не ги фаќа, ако не доведат некого до пад;
17зашто тие јадат леб од беззаконие и пијат вино од грабеж.
18Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе, дури не настане ден.
19А патот на беззакониците е како темнина; тие не знаат, од што ќе се сопнат.
20Синко, внимавај на зборовите мои и приближи го увото кон поуките мои;
21да не отстапуваат тие од твоите очи; чувај ги внатре во срцето свое:
22зашто тие се живот за оној што ги нашол, и здравје за целото тело негово.
23Од сѐ, што е за пазење, најмногу чувај го срцето свое, зашто од него се изворите на животот.
24Отфрли ја од себе лажливоста на устата, и лукавството на јазикот од себе оддалечи го.
25Очите твои нека гледаат право, и клепките твои да бидат управени право пред тебе.
26Провери ја патеката со нозете свои, и сите патишта твои нека бидат цврсти.
27Не скршнувај ни десно, ни лево; оддалечи ја ногата твоја од злото.