Proverbs 16
1 Човекот размислува во срцето свое, но одговорот на јазикот е од Господ.
2 Сите дела на човекот му изгледаат дека се исправни, но Господ ги испитува душите.
3 Предај ги делата свои на Господ, и твоите намери ќе се исполнат.
4 Господ направил сѐ со определена цел, а и безбожниците — за судниот ден.
5 Секој горделив по срце е одвратност пред Господ: биди сигурен дека тој нема да остане неказнет.
6 Со милосрдност и правда грев се исчистува, и со страв Господов зло се отстранува.
7 Кога на Бога Му се пријатни патиштата на човекот, Тој и со непријателите негови го смирува.
8 Подобро мала печалба со правда, отколку голема добивка со неправда.
9 Човекот сам го обмислува патот свој, но Господ управува со него.
10 Во устата на царот има вдахновено слово; неговата уста не смее да греши на суд.
11 Точните мерила и тасовите се од Господ; од него се и сите точни мери.
12 Незаконското дело е одвратно за царевите, зашто со правда престолот се зајакнува.
13 Справедлива уста на царот му е пријатна, и тој го сака оној, што ја кажува вистината.
14 Царевиот гнев е гласник на смртта; но мудар човек ќе го смилостиви царот.
15 Во светлиот поглед на царот има живот, и неговото благоволение е облак со задоцнет дожд.
16 Да се здобиеш со мудрост е многу подобро, отколку со злато, и да се здобиеш со разум е повеќе за претпочитување отколку одбрано сребро.
17 Патот на праведните е отстранување од злото: кој ги пази своите патишта — душата своја ќе ја запази.
18 Пред погибел гордоста врви, и пред паѓање — надменоста.
19 Подобро е да се смируваш во духот со кротки, отколку да делиш грабеж со горделиви.
20 Кој ја води разумно работата своја, добро ќе најде, и кој се надева на Господ, блажен е.
21 Мудрите по срце, разумни ќе ги наречат, и слаткиот збор го зголемува знаењето.
22 Разумот за оние, што го имаат, е извор на животот, а ученоста на безумниот е глупост.
23 Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар, и го умножува знаењето во устата негова.
24 Пријатни зборови се восочен мед: за душата слатки, а за коските лековити.
25 Има патишта, кои на човекот му изгледаат прави, но крајот им е пат кон смртта.
26 Кој се труди, се труди за себе, зашто кон тоа устата го упатува.
27 Лукав човек зло замислува, во устата своја — оган разгорува.
28 Подмолен човек сее раздор, и клеветник пријатели разделува.
29 Злонамерен човек го мами својот ближен и го води кон лош пат;
30 замижува со очите, за да измисли подмолност: прекасувајќи си ги усните, извршува зло.
31 Староста е венец на славата, таа води по патот на правдата.
32 Долготрпеливиот е подобар од храбриот, и кој владее со себе, подобар е и од освојувач на градови.
33 Ждрепка се фрла во скут, но сѐ што решава таа, од Господ е.