Proverbs 14
1 Мудрата жена си ја гради куќата, а глупавата ја урива со своите раце.
2 Кој оди по прав пат, се плаши од Господ; на кого патиштата му се криви, тој Го презира (Господа).
3 Во устата на безбожникот е камшикот на гордоста; а мудрите ги чува нивната уста.
4 Каде што нема волови, амбарите се празни; а од силата на воловите има изобилно жито.
5 Верен сведок не лаже, а лажливиот сведок шири многу лаги.
6 Развратникот бара мудрост, и не ја наоѓа; а разумниот до знаењето лесно доаѓа.
7 Бегај од безумен човек, кај него нема да најдеш разумна уста.
8 Мудар човек внимава на своето однесување, неразумноста на глупавите ги води во заблуда.
9 За глупавите гревот е шега, а со праведните е милоста Божја.
10 Секој сам ги доживува своите таги и своите радости и никој друг не може со него да ги сподели.
11 Куќата на беззакониците ќе се сотре, а живеалиштето на праведните ќе преуспее.
12 Има патишта, кои на човек му изгледаат прави, но крајот нивни води во смрт.
13 И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настапува тага.
14 Човек со развратно срце ќе ги добие плодовите на своето однесување, а добриот — ќе живее во задоволство.
15 Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори.
16 Мудриот има страв и бега од злото, а неразумниот не се чува, бидејќи се чувствува безбеден.
17 Избувливиот човек прави глупости, а пакосниот е омразен.
18 Безумните глупост добиваат за награда, а благоразумните се украсуваат со знаење.
19 Лошите ќе се поклонат пред добрите, а безбожните — пред вратите на праведникот.
20 Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели.
21 Греши оној што го презира својот ближен, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите.
22 Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Но милост и верност има кај оние што мислат добро.
23 Од секој труд има добивка, а празните зборови водат кон скудност.
24 Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е глупост.
25 Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува.
26 Во стравот пред Господ има голема надеж, и на чедата Свои Тој им е прибежиште.
27 Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта.
28 Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ — пропаст е за господарот.
29 Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости.
30 Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските.
31 Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда.
32 За своето зло безбожниот ќе пропадне, а праведниот и при смртта ќе има надеж.
33 Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот ја нема.
34 Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи.
35 На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.