Numbers 36
1 Дојдоа старешините на семејствата од родовите на синовите на Галаад, потомци на Махир, син Манасиев, од племињата на Јосифовиот народ, и говореа пред Мојсеј и пред кнезовите, старешини од родовите на синовите израелски,
2 па рекоа: „Господ му заповеда на господарот наш да им дадеме земја во дел на синовите израелски со ждрепка, и на господарот наш му е заповедано од Господ, делот на Салпаад, наш брат, да им го дадеме на ќерките негови;
3 ако, пак, тие се омажат за синови од некое друго израелско племе, тогаш нивниот дел ќе се одземе од делот на татковците наши и ќе се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени; и така ќе се одземе наследството нивно од делот, кој ни се падна со ждрепка нам;
4 а кога кај синовите на Израел ќе има јубилејна година, делот нивни ќе се додаде кон делот на она племе, во кое тие ќе бидат омажени — делот нивни ќе се одземе од делот на татковото ни племе.“
5 Тогаш Мојсеј им заповеда на синовите на Израел, според повелбата Господова, и рече: „Право говори племето на Јосифовите потомци:
6 еве, како заповеда Господ за Салпаадовите ќерки: тие можат да бидат жени на оние што ќе им се допаднат, но можат да се омажат само со човек од племето од татковиот им род,
7 за да не минува делот на синовите израелски од едно племе во друго — зашто секој од синовите на Израел треба да биде приврзан кон делот од племето на неговите предци;
8 и секоја ќерка, која наследува дел во племето на синовите израелски, треба да стане жена на некого од племето на татковиот си род, та секој од синовите на Израел да го наследува делот на своите предци;
9 и да не минува делот од едно племе во друго; туку секое израелско племе ќе остане приврзано кон делот од племето на неговите предци.“
10 Како што му заповеда Господ на Мојсеј, така и направија Салпаадовите ќерки.
11 Затоа Салпаадовите ќерки Махла, Тирца, Хогла, Милка и Ноа се омажија со синовите од своите стриковци;
12 тие се омажија во племето од потомците на Манасија, Јосифов син, и нивниот дел остана во племето на нивниот татко.
13 Тоа се заповедите што Господ им ги даде на синовите израелски преку Мојсеј во Рамнините Моавски, кај Јордан, спроти Ерихон.