Numbers 33
1 Ете тоа се патувањата на синовите израелски, откако излегоа од египетската земја, групирани во легиони под водството на Мојсеј и на Арон.
2 По заповед на Господ Мојсеј ги опиша нивните патувања и престојувањата нивни, и еве ги престоите на нивното патување:
3 Од Рамзес тие тргнаа во првиот месец, на петнаесеттиот ден од првиот месец, — утрината по Пасха излегоа синовите израелски — слободно, пред очите на сите Египќани;
4 а во тоа време Египќаните ги погребуваа сите првородени, кои ги порази Господ меѓу нив, извршувајќи, на тој начин суд над нивните богови.
5 Така тргнаа синовите израелски од Рамзес и се сместија во Сукот.
6 Потоа појдоа од Сукот и се сместија во Етам, кој е на крајот од пустината.
7 Се кренаа од Етам, и се упатија кон Пи-Хахирот, кој е спроти Ваал-Цефон, и се сместија спроти Мигдол.
8 Откако тргнаа од Пи-Хахирот, минаа преку морето во пустината, и патуваа три дена по пустината Етам, и се улогорија во Мара.
9 И се кренаа од Мара, и пристигнаа во Елим; а во Елим имаше дванаесет водни извори и седумдесет палми; и се сместија таму.
10 Потоа појдоа од Елим и се сместија крај Црвеното Море.
11 И тргнаа од Црвеното Море и се сместија во пустината Син.
12 Па се кренаа од пустината Син и се сместија во Дофка.
13 Од Дофка заминаа и дојдоа во Алуш.
14 Тргнаа од Алуш и се сместија во Рефидим, а таму немаше вода да пие народот.
15 Појдоа од Рефидим и се сместија во Синајската Пустина.
16 Заминаа од Синајската Пустина и се сместија крај Киврот-Таава.
17 Тргнаа од Киврот-Таава и се улогорија во Хацерот.
18 Од Хацерот појдоа и се сместија во Ритма.
19 Потоа се кренаа од Ритма и се сместија во Римон-Перец.
20 Појдоа од Римон-Перец и се сместија во Ливна.
21 Од Ливна заминаа и се сместија во Риса.
22 Тргнаа од Риса и се сместија во Кехелата.
23 Се кренаа од Кехелата и се сместија на гората Шефер.
24 Тргнаа од планината Шефер и се сместија во Харада.
25 Тргнаа од Харада и се сместија во Макхелот.
26 Од Макхелот се кренаа и се сместија во Тахат.
27 Тргнаа од Тахат и се сместија во Тара.
28 Појдоа од Тара и се сместија во Митка.
29 Заминаа од Митка и се сместија во Хашмона.
30 Од Хашмона тргнаа и се сместија во Мосерот.
31 Тргнаа од Мосерот и се сместија во Бене-Јаакан.
32 Заминаа од Бене-Јаакан и се сместија во Хор-Гидгад.
33 Се кренаа од Хор-Гидгад и се сместија во Јатевата.
34 Појдоа од Јатевата и се сместија во Аврона.
35 Тргнаа од Аврона и се сместија во Ецјон-Гевер.
36 Од Ецјон-Гевер тргнаа и се сместија на стан во пустината Син, т.е. во Кадис.
37 Појдоа од Кадис и се сместија во планината Ор, близу до земјата Едомска.
38 Тогаш по заповед на Господ свештеникот Арон се искачи на планината Ор и умре таму на четириесеттата година по излегувањето на синовите израелски од египетската земја, во петтиот месец, на првиот ден од месецот;
39 Арон имаше сто дваесет и три години кога умре на планината Ор.
40 Тогаш царот на Арад, еден од хананските цареви, кој живееше на југ во хананската земја, чу дека идат синовите на Израел.
41 И тие тргнаа од Ор-Планина и се сместија во Салмона.
42 Појдоа од Салмона и се сместија во Пунон.
43 Се кренаа од Пунон и се сместија во Овот.
44 Потоа заминаа од Овот и се сместија во Ије-Аварим, од спротива на пределите моавски.
45 Тргнаа од Ије-Аварим и се сместија во Дивон-Гад.
46 Појдоа од Дивон-Гад и се сместија во Алмон-Дивлатаим.
47 Се кренаа од Алмон-Дивлатаим и се сместија на планината Аварим, спроти Нево.
48 Тргнаа од Аваримската планина и се сместија во рамнините моавски, крај Јордан, спроти Ерихон;
49 тие беа сместени на брегот од Јордан, во Моавската Рамнина, од Бет-Јешимот до Авел-Ситим.
50 Тогаш му рече Господ на Мојсеј во Рамнината Моавска, кај Јордан, спроти Ерихон, велејќи:
51 „Кажи им на синовите израелски и речи им: кога ќе минете од онаа страна на Јордан, во хананската земја,
52 протерајте ги од пред себе сите жители на оваа земја, разрушете ги сите нивни камени идоли и сите нивни излеани идоли, и сите нивни жртвеници, разорете ги
53 и завладејте ја таа земја, и населете се во неа, зашто Јас ви ја давам во наследство;
54 и поделете ја земјата со ждрепка на делови меѓу вашите племиња: на многубројните дајте им поголем дел, а на малубројните дајте им помал дел; како кому ќе му се падне ждрепката, таму да му биде и делот; земете си делови според родовите на предците ваши.
55 Ако, пак, не ги протерате од пред себе жителите на таа земја, тогаш оние што ќе останат, ќе бидат трн во очите ваши и бодила во слабините ваши и ќе ве притеснуваат во земјата каде што ќе живеете,
56 и тогаш, она што мислев да им го направам ним, ќе ви го направам вам.“