Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Numbers 32

:
Macedonian - 2006
1 Рувимовите потомци и потомците на Гад имаа многу добиток; и тие видоа дека земјата Јазер и земјата Галаад се погодни места за стада.
2 И Гадовите потомци и Рувимовите потомци дојдоа и им кажаа на Мојсеј и на свештеникот Елеазар, и на кнезовите народни, велејќи:
3 „Атарот, Дивон, Јазер, Нимра, Есевон, Елале, Севам, Нево и Беон,
4 земјата, која Господ им ја предаде на синовите израелски, е земја за одгледување стада, а твоите слуги имаат стада.“
5 И рекоа: „Ако сме нашле милост во очите твои, дај им ја таа земја на твоите слуги во владение; не нѐ преведувај преку Јордан.“
6 И им рече Мојсеј на потомците на Гад и на Рувимовите потомци: „Браќата ваши ќе отидат во војна, а вие тука ли ќе останете?
7 Зошто го одвраќате срцето на сино­вите израелски да одат во земјата што Господ им ја дава?
8 Не направија ли така татковците ваши, кога ги испраќав од Кадис-Бар­неа да ја видат земјата?
9 Тие отидоа до долината Ешкол и ја видоа земјата, и го одвратија срцето на синовите израелски, за да не отидат во земјата, која Господ им ја дава;
10 и во оној ден се разгори гневот на Господ и Тој се заколна, велејќи:
11 ‚И тие луѓе што излегоа од Египет, од дваесет години и нагоре, нема да ја видат земјата, за која им се бев заколнал на Авраам, Исак и Јаков, зашто тие не Ме послушаа,‘
12 освен Халев, синот на Јефуне, и Исус, синот Навинов, зашто тие Му се покоруваа на Господ.
13 И се разгоре гневот на Господ против Израел, и Тој ги водеше по пустината четириесет години; додека не изгина целиот род, кој беше направил зло пред Господ.
14 И ете, наместо татковците ваши, востанавте вие, изроди од грешници, за да го зголемите уште повеќе гневот на јароста Господова против Израел.
15 Ако се одвратите од Него, Тој пак ќе го остави Израел во пустината, и вие ќе го погубите сиот овој народ.“
16 И тие се приближија до него и рекоа: „Ќе направиме тука кошари за нашите стада и градови за нашите деца;
17 а самите ние први ќе се вооружиме и ќе одиме пред синовите израелски, додека не ги одведеме до местата нивни; нашите деца, пак, нека останат во утврдени градови, за да бидат во безопасност од месните жители;
18 нема да се вратиме во домовите наши сѐ додека не стапат синовите израелски секој на својот дел;
19 зашто нема да земеме заедно со нив дел од онаа страна на Јордан и понатаму, ако ни се даде дел од оваа страна на Јордан, кон исток.“
20 Тогаш Мојсеј им рече: „Ако го на­правите тоа, ако отидете вооружени во војна пред Господ,
21 и секој од вас вооружен го мине Јордан пред Господ, додека не ги истреби Тој пред Себе Своите непријатели,
22 и кога земјата ќе биде покорена пред Господ, тогаш ќе се вратите и нема да бидете виновни пред Господ и пред Израел, и ќе ја владеете оваа земја пред Господ.
23 Но ако не постапите така, ќе згрешите пред Господ и за гревот свој ќе претрпите казна што ќе ве стигне.
24 Изградете градови за децата ваши и трла за добитокот ваш, и извршете го она што го кажавте со устата своја!“
25 Тогаш потомците на Гад и на Рувим му рекоа на Мојсеј: „Слугите твои ќе направат така, како што заповеда господарот наш;
26 децата, пак, наши, жените наши, стадата наши и сиот наш добиток нека останат тука во градовите на Галаад,
27 а слугите твои, сите вооружени и подготвени како војници, пред Господ ќе појдат во војна, како што вели нашиот господар.“
28 И Мојсеј им заповеда на свеш­теникот Елеазар и на Исус, Навиновиот син, и на началниците над колената од синовите израелски,
29 и им рече: „Ако потомците на Гад и на Рувим го преминат заедно со вас Јордан, сите вооружени и подготвени за војување пред Господ, и ја покорите земјата пред вас, дајте им ја да ја вла­деат земјата Галаад.
30 Ако пак не тргнат заедно со вас вооружени, нека и тие добијат дел, за­едно со вас, во земјата хананска.“
31 Тогаш потомците на Гад и на Рувим одговорија и рекоа: „Како што ни за­поведа Господ на слугите твои, така и ќе направиме;
32 ние ќе тргнеме вооружени пред Гос­под за хананската земја, а дајте ни ја во владение наше оваа страна на Јордан.“
33 И им го даде Мојсеј на потомците на Гад и на Рувим и на половината од коленото на Манасија, синот на Јосиф, царството на Сихон, аморејски цар, и царството на Ог, башански цар, земјата со градовите нејзини и околиите нивни, градовите со земјата околу нив.
34 И тогаш потомците на Гад го изградија Дивон, Атарот, Ароер,
35 Атрот-Шофан, Јазер, Јогбеха,
36 Бет-Нимра и Бет-Харан, градови утврдени, и огради за овци.
37 А потомците на Рувим ги изградија Есевон, Елале, Кирјатаим,
38 Нево, Ваал-Меон, чии имиња беа изменети, и Сивма; и им дадоа имиња на градовите што ги изградија.
39 И отидоа потомците на Махир, Манасиев син, во Галаад, и го презедоа и ги протераа Аморејците што живееја таму.
40 И им го даде Мојсеј Галаад на потомците на Махир, син Манасиев, и тие се населија таму.
41 Јаир, пак, потомок Манасиев, отиде и ги презеде селата нивни и ги нарече Јаирови села.
42 А Новах отиде и го зазеде Кенат и околните места, и го нарече според името свое: Новах.