1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2„Кажи му на Елеазар, синот на свештеникот Арон, да ги собере кадилниците на изгорените и огнот да го исфрли, бидејќи тие се осветија,
3кадилниците на овие грешници поради нивната смрт, да се сплескаат на листови за оковување на жртвеникот, зашто тие ги донесоа пред лицето Господово, и затоа се осветија; и тие ќе бидат опомена за синовите на Израел.“
4Тогаш свештеникот Елеазар, ги зеде бакарните кадилници што ги беа донеле изгорените, и ги сплескаа на листови за оковување на жртвеникот,
5за да помнат синовите израелски, па никој надворешен, кој не е од Ароновото семе, да не принесува темјан пред Господ, за да не стане и со него она што стана со Кореј и соучесниците негови, како што му беше рекол Господ преку Мојсеј.
6На вториот ден целото општество на синовите израелски се побуни против Мојсеј и Арон и рече: „Вие го уништивте народот Господов.“
7И кога се собра народот, за да ги нападне Мојсеј и Арон, тие се свртеа кон скинијата на собранието, и ете, ја покри облак и славата Господова се јави.
8И се приближија Мојсеј и Арон кон скинијата на собранието.
9И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
10„Отстранете се од тие луѓе и Јас во еден миг ќе ги погубам!“ Но тие паднаа на колена.
11И му рече Мојсеј на Арон: „Земи ја кадилницата, стави во неа оган од жртвеникот, сипи темјан и носи го тоа што побрзо кај народот и помоли се за нив, зашто гнев излезе од лицето на Господ, и почна да ги погубува луѓето.“
12И направи Арон, како што рече Мојсеј, и се најде кај народот, и ете веќе почна помор меѓу народот. И тој исипа темјан и се помоли за народот:
13застана меѓу мртвите и живите, и поморот престана.
14Изумреа од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореј.
15Тогаш Арон се врати кај Мојсеј, при влезот од скинијата на собранието, откако престана поморот.
16И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
17„Кажи им на синовите израелски и земи од нив по еден жезол од колено, по еден жезол од секој нивни кнез, дванаесет жезла, и името на секој напиши го на жезолот;
18Ароновото име напиши го на Левиевиот жезол, зашто тие треба да дадат еден жезол, според племето на нивниот род,
19и стави ги во скинијата на собранието, пред ковчегот на заветот, каде што ви се јавувам;
20и кого Јас ќе го одберам, неговиот жезол ќе расцути; и така ќе го отстранам незадоволството на синовите израелски што го креваат против вас.“
21И им рече Мојсеј на синовите на Израел, и сите началници нивни им дадоа, од секој началник по еден жезол, дванаесет жезла, според кнежествата свои и родовите нивни; и Ароновиот жезол беше меѓу жезлата нивни.
22Тогаш Мојсеј ги постави жезлата пред лицето Господово во скинијата на собранието.
23На вториот ден влезе Мојсеј во скинијата на собранието, и ете, Ароновиот жезол, од Левиевиот дом, беше напупил, расцветал и родил бадеми.
24И ги изнесе Мојсеј сите жезла од лицето Господово пред сите синови на Израел; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезол.
25И му рече Господ на Мојсеј: „Постави го пак Ароновиот жезол пред ковчегот на заветот да се чува, како опомена за непокорните, па ропотот против Мене да престане и тие да не умираат.“
26И Мојсеј го направи тоа; како што му заповеда Господ, така направи.
27И му рекоа синовите израелски на Мојсеј: „Ете, ние умираме, гинеме, сите ќе изумреме;
28секој, кој се приближува кон скинијата Господова, умира: дали ќе изумреме така сите?“