1Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, учениците Негови се приближија до Него.
2И откако ја отвори устата Своја, ги поучуваше и говореше:
3„Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!
4Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!
5Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
6Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!
7Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
8Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
10Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!
11Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови — заради Мене!
12Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.“
13„Вие сте солта на земјата. Но, ако солта го изгуби вкусот, со што ќе се соли? Таа веќе не е за ништо, освен да се фрли надвор и изгази од луѓето.
14Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина.
15Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи.
16Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен!“
17„Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.
18Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една буквичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!
19И така, оној што ќе наруши една од тие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе се нарече најмал во царството небесно, а оној што ќе ги исполни и поучи, тој ќе се нарече голем во царството небесно.
20Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно!“
21„Сте слушале дека им било речено на старите: ‚Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде осуден пред судот.‘
22Јас, пак, ви велам дека секој, што се гневи на брата си (без причина), ќе биде осуден пред судот; а оној што ќе го нарече брата си ‚празноглав‘, ќе биде осуден пред врховниот суд; оној, пак, што ќе рече ‚будала‘, ќе биде осуден за во пеколот.
23И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе,
24тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.
25Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата — на служителот и да бидеш фрлен в затвор;
26вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“
27„Сте слушале дека на старите им било речено: ‚Не прељубодејствувај!‘
28Јас, пак, ви велам дека секој што ќе погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето свое.
29Ако те наведува на грев десното око, извади го и фрли го од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел од твоето тело, отколку целото да биде фрлено во пеколот.
30И десната рака, ако те наведува на грев, исечи ја и фрли ја од себе; зашто подобро ти е да изгубиш еден дел, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.“
31„Речено било исто така: ‚Ако некој ја остави својата жена, нека ѝ даде разводно писмо.‘
32А Јас пак ви велам: секој што ќе ја остави својата жена, освен за прељуба, тој ја тера да прељубодејствува; и кој ќе се ожени со така напуштена, тој прељубодејствува.“
33„Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите — ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господ исполнувај ги.‘
34Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто — ниту во небото, зашто тоа е престол Божји;
35ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, зашто е град на великиот Цар.
36Не колни се ни во главата своја, зашто не можеш ниту едно влакно од косата своја да направиш бело или црно.
37Но зборот ваш да биде: ‚да‘, ‚да‘, или ‚не‘, ‚не‘, а сѐ што е повеќе од тоа, од лукавиот е.“
38„Сте слушале дека е речено: ‚Око за око, заб за заб.‘
39Јас, пак, ви велам: не противете се на лукавиот. Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот.
40А оној што сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата, дај му ја и наметката.
41И ако некој те присили да одиш со него една милја, ти оди две.
42На оној што бара од тебе, дај му, и не одбивај го оној што ти сака нешто на заем.“
43„Сте слушале дека е кажано: ‚Љуби го својот ближен, а мрази го непријателот.‘
44А јас, пак, ви велам: љубете ги непријателите свои, (благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на оние што ве мразат) и молете се за оние што ве (навредуваат и) гонат,
45за да бидете синови на Вашиот Отец небесен; зашто Тој го остава Своето сонце да грее и над лошите и над добрите, и им праќа дожд и на праведните и на грешните.
46Зашто, ако ги сакате оние што вас ве сакаат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците?
47И, ако ги поздравувате само браќата свои, што особено правите? Не постапуваат ли така и незнабошците?
48Но бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен.“