1Во тие дни дојде Јован Крстител, кој проповедаше во Јудејската пустина
2и говореше: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно.“
3Зашто ова е, навистина, Оној за Кого говореше пророкот Исаија, кој вели: „Гласот на оној, што вика во пустината: ‚Пригответе го патот на Господ и исправете ги патеките Негови!‘“
4А Јован носеше облека од камилски влакна и кожен појас околу слабините, а храната му се состоеше од скакулци и див мед.
5Тогаш од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот Јордански крај доаѓаа кај него
6и се крштаваа од него во реката Јордан, исповедајќи ги своите гревови.
7А штом виде Јован дека кај него доаѓаат мнозина фарисеи и садукеи за да се крстат, им рече: „Рожби змиини! Кој ви кажа да бегате од гневот што иде?
8Направете плод достоен за покајание
9и немојте да говорите во себе: ‚Наш татко е Авраам‘, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да му подигне чеда на Авраам.
10Секирата веќе лежи до коренот на дрвото: зашто секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган.
11Јас ве крштавам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Тој ќе ве крсти со Светиот Дух и со оган.
12Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне.“
13Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан кај Јован за да биде крстен од него.
14А Јован Го одвраќаше, велејќи: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти кај мене ли доаѓаш!?“
15Но Исус му одговори и рече: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.“ Тогаш Јован се сложи.
16И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и Го виде Духот Божји како слегува како гулаб и се спушта над Него.
17И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“