1А по шест дни Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и брат му Јован, и ги изведе на висока гора сами;
2и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина.
3И ете, им се јавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со Него.
4Тогаш Петар Му одговори на Исус и рече: „Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш ќе направам тука три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
5Додека уште говореше, ете, ги засени светол облак; и се чу глас од облакот кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, во Кого е Мојата волја; Него послушајте Го!“
6И кога го чуја тоа учениците, паднаа ничкум и многу се уплашија.
7Но Исус, штом се приближи, се допре до нив и им рече: „Станете и не плашете се!“
8А тие, кога ги подигнаа очите, не видоа никој друг освен Исус.
9Исус им заповеда и рече: „Никому не кажувајте што видовте додека Синот Човечки не воскресне од мртвите!“
10Потоа учениците Негови Го прашаа, говорејќи: „Зошто, пак, книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“
11Исус им одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ;
12но ви велам дека Илија веќе дојде и не го познаа, туку му направија сѐ што сакаа; така и Синот Човечки ќе пострада од нив.“
13Тогаш учениците разбраа дека Тој им зборува за Јован Крстител.
14Кога дојдоа кај народот, пристапи кон Него еден човек, кој падна на колена
15и рече: „Господи, смилувај се на мојот син, зашто при нова месечина го напаѓа зол дух и се мачи многу; често паѓа во оган и често — во вода;
16го одведов кај Твоите ученици, но тие не можеа да го излекуваат.“
17А Исус одговори и рече: „О, роде безверен и развратен! До кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете Ми го тука!“
18И му нареди Исус на демонот и тој излезе од момчето; и тоа оздраве во тој час.
19Тогаш учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?“
20А Исус им рече: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму!‘ И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.
21(Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.)“
22А кога беа во Галилеја, Исус им рече: „Синот Човечки ќе биде предаден во раце човечки,
23и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“ И тие многу се нажалија.
24А кога пристигнаа во Капернаум, му пристапија на Петар оние што собираа дидрахми и му рекоа: „Учителот ваш не плаќа ли дидрахми?“
25Тој одговори: „Плаќа.“ И кога влезе дома, Исус го испревари и рече: „Како ти се чини, Симоне? Земните цареви од кого земаат царина или данок? Од своите синови или од туѓи?“
26Петар Му одговори: „Од туѓите.“ Исус му рече: „Значи, синовите не плаќаат;
27но, за да не ги соблазниме, отиди до морето, фрли јадица и првата риба што ќе се улови, земи ја; и, кога ќе ѝ ја отвориш устата, ќе најдеш статир; земи го и подај им го за Мене и за себе!“