1И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“
2А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив.
3Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели.
4И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус.
5Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“
6Зашто не знаеше што да каже, бидејќи беа многу уплашени.
7И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“
8И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус.
9А кога слегуваа од гората, им заповеда никому да не кажуваат што виделе, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.
10И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“
11И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“
12А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен.
13Но ви велам дека и Илија дојде, како што е напишано за Него, и му направија што сакаа.“
14И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив.
15И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа.
16Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“
17Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух;
18и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“
19А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“
20И кога го доведоа кај Него — штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет.
21Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството;
22и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“
23А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш — сѐ е можно за оној што верува!“
24И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“
25А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“
26И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело.
27Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана.
28И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“
29Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“
30И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере.
31Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.
32Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат.
33И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?“
34Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем.
35Тој седна и ги повика дванаесетте, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на — сите!“
36И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го гушна и им рече:
37„Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“
38Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува демони, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“
39А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене.
40Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.
41И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да остане без награда.“
42„А кој ќе соблазни едно од овие малите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море.
43И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган,
44(каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.)
45И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган,
46(каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.)
47И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во огнениот пекол,
48каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.
49Зашто секој со оган ќе се посоли, (и секоја жртва со сол ќе се осоли).
50Солта е добра; но, ако солта облутави, со што ќе ја осолите? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“