1Во првиот ден на седмицата, многу рано, тие дојдоа на гробот, носејќи ги приготвените мириси.
2Но ја најдоа плочата иставена на гробот.
3И кога влегоа, не го најдоа телото на Господ Исус.
4И додека се чудеа на тоа, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во светли облеки;
5тие се уплашија од страв и ги наведнаа лицата кон земјата, а овие им рекоа: „Зошто Го барате Живиот меѓу мртвите?
6Тој не е овде, а воскресна; сетете се како ви рече, додека беше уште во Галилеја,
7говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне.“
8И се сетија на Неговите зборови.
9Па штом се вратија од гробот, им го соопштија сето тоа на единаесетте и на сите други.
10А тие беа Марија Магдалена, и Јоана, и Марија Јаковова заедно со другите. Тие им го кажаа тоа на апостолите.
11И нивните зборови им изгледаа како лага, и не им поверуваа.
12Но Петар стана и отиде бргу до гробот, па кога се наведна, го виде внатре само повојот. И се врати, чудејќи се сам во себе заради она што се случило.
13Во истиот ден двајца од нив одеа во едно село, по име Емаус, кое беше оддалечено од Ерусалим шеесет стадии.
14И зборуваа меѓу себе за сите овие настани.
15И додека расправаа и разговараа еден со друг, Самиот Исус се приближи и одеше со нив;
16но очите им се замрежија за да не Го познаат.
17А Тој им рече: „Какви се тие зборови што ги разменувате меѓу себе одејќи и зошто сте нажалени?“
18Едниот од нив, по име Клеопа, Му одговори и рече: „Единствен туѓинец ли си ти во Ерусалим, та не си разбрал што се случи во него овие дни?“
19И го праша: „Што?“ Тие Му одговорија: „Она што се случи со Исус од Назарет, Кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ;
20дека нашите првосвештеници и управници Го предадоа да биде осуден на смрт и Го распнаа;
21а ние се надевавме дека е Тој Оној што треба да го избави Израел; но и покрај сето тоа, денес е веќе трет ден, откако се случи ова.
22А и некои жени од нашите нѐ запрепастија; тие биле рано на гробот,
23и не го нашле телото Негово; и кога се вратија, рекоа дека им се јавиле ангели и дека им кажале дека е Тој жив.
24Отидоа на гробот и некои од нашите и го најдоа истото она, како што рекоа жените; но Него не Го виделе.“
25Тогаш им рече: „О, безумни! Срцето ви е споро за да поверувате во сѐ што рекле пророците!
26Не требаше ли така да пострада Христос и да влезе во Својата слава?“
27Па, како почна од Мојсеј и од сите пророци, им зборуваше што е кажано за Него во целото Писмо.
28И тие се приближија до селото во кое одеа; а Тој се направи како да сака да продолжи.
29Но тие Го задржаа, велејќи: „Остани со нас, зашто денот одмина и наскоро ќе се стемни!“ Тој влезе и остана со нив.
30А кога седеше со нив на трпеза, зеде леб, го благослови, го прекрши и им подаде.
31Тогаш им се отворија очите и тие Го познаа; но Тој стана невидлив за нив.
32И си рекоа еден на друг: „Зар не гореа срцата наши, кога ни зборуваше по патот и кога ни го објаснуваше Писмото?“
33Па во истиот час станаа, се вратија во Ерусалим и ги најдоа собрани Единаесетте и оние кои беа со нив,
34каде што говореа дека Господ навистина воскреснал и му се јавил на Симон.
35И тие кажаа за она што им се случи по патот и како Го познаа, кога го прекршувал лебот.
36Додека тие уште зборуваа за тоа, Самиот Исус застана сред нив и им рече: „Мир вам!“
37А тие, така збунети и уплашени, помислија дека гледаат дух.
38Но Тој им рече: „Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши?
39Видете ги рацете Мои и нозете Мои: Јас сум Истиот; допрете се до Мене и гледајте; зашто духот нема тело и коски, а, како што гледате, Јас имам.“
40А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и нозете.
41Но, додека тие од радост уште не веруваа и се чудеа, Тој им рече: „Имате ли овде нешто за јадење?“
42Тие Му дадоа парче печена риба и мед со саќе.
43И кога зеде, јадеше пред нив.
44Па им рече: „Ете, тоа е она за што ви зборував уште додека бев со вас, зашто треба да се исполни сѐ што е напишано за Мене во Законот Мојсеев и кај Пророците, и во Псалмите.“
45Тогаш им го отвори умот за да ги разбираат Писмата,
46и им рече: „Така е напишано и така требаше да пострада Христос и да воскресне од мртвите на третиот ден,
47и да биде проповедано во Негово име покајание и проштавање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим;
48а вие сте сведоци за ова.
49И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец; а вие останете во градот Ерусалим, додека не се облечете во сила одозгора.“
50И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови.
51И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото;
52тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.
53И беа постојано во храмот, каде што Го прославуваа и благословуваа Бога.