Luke 18
1 Им кажа и една парабола за тоа како е потребно секогаш да се молат и да не паѓаат со духот.
2 И рече: „Во некој град си беше еден судија, кој од Бога не се плашеше, ниту од луѓето се срамуваше.
3 Во истиот град живееше една вдовица и доаѓаше кај него, велејќи: ‚Заштити ме од мојот противник!‘
4 Но тој за долго време не сакаше. Најпосле си рече во себе: ‚Иако од Бога не се плашам и од луѓето не се срамувам,
5 но, бидејќи оваа вдовица не ми дава мир, ќе ја заштитам, за да не доаѓа повеќе и да не ми додева.‘“
6 И рече Господ: „Чујте што зборува несправедливиот судија!
7 Зарем Бог нема да ги одбрани Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави?
8 Ви велам, ќе ги одбрани набргу. Но Синот Човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“
9 А на оние што беа уверени во себе дека се праведни и ги презираа другите, им ја кажа оваа парабола:
10 „Два човека влегоа во храм да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник.
11 Кога застанаа, фарисејот вака се молеше во себе: ‚Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе; разбојници, несправедливи, прељубници, или како овој цариник.
12 Постам двапати во седмицата, давам десеток од сѐ што ќе стекнам.‘
13 А цариникот стоеше оддалеку; не смееше дури и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив спрема мене грешниот!‘
14 Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен.“
15 Кај Него донесуваа и мали деца за да ги допре; а учениците, штом ќе видеа, им забрануваа.
16 Но тогаш Исус ги повика и им рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене, и не ги спречувајте, зашто на таквите им припаѓа царството Божјо!
17 Вистина ви велам: кој нема да го прими царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“
18 И Го праша еден управник, велејќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?“
19 А Исус му рече: „Зошто Ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен Единиот Бог.
20 Ги знаеш заповедите: не прави прељуба, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си.“
21 А тој рече: „Сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“
22 Штом го слушна тоа, Исус, му рече: „Уште едно само ти недостасува: продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене!“
23 А тој, кога го слушна тоа, многу се нажали, зашто беше многу богат.
24 Штом виде дека тој се растажи, Исус рече: „Колку е тешко во царството Божјо да влезат оние што имаат богатство!
25 Полесно ѝ е на камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо.“
26 Оние што го чуја тоа, рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“
27 А Тој одговори: „Неможното за луѓето е можно за Бога.“
28 Петар, пак, рече: „Ете, ние оставивме сѐ и тргнавме по Тебе.“
29 Тој им рече: „Вистина ви велам дека секој што оставил куќа или родители, или браќа, или сестри, или жена, или деца, заради царството Божјо,
30 добил многу повеќе од тоа уште сега, во ова време, а во идниот век — и живот вечен.“
31 И кога ги зеде со Себе Дванаесетте, им рече: „Еве, одиме кон Ерусалим и сѐ ќе се исполни, што напишале пророците за Синот Човечки:
32 дека ќе го предадат на незнабошци и ќе се потсмеваат со Него, ќе Го измачуваат и ќе Го плукаат,
33 ќе Го камшикуваат и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.“
34 Но тие ништо од ова не разбраа; овие зборови за нив беа сокриени и тие не сфатија што им кажа.
35 А додека се приближуваше Тој до Ерихон, еден слеп човек седеше крај патот и питаше;
36 и штом чу дека покрај него минува народ, праша: „Што е тоа?“
37 Му кажаа дека минува Исус од Назарет.
38 Тогаш тој извика и рече: „Исусе, Сине Давидов, смилувај ми се!“
39 Оние што одеа напред, го опоменаа да молчи; но тој уште погласно викаше: „Сине Давидов, смилувај ми се!“
40 Исус застана и заповеда да Му го доведат. И кога оној се приближи до Него, го праша,
41 велејќи: „Што сакаш да ти направам?“ Тој рече: „Господи, да прогледам!“
42 Тогаш Исус му рече: „Прогледај! Верата твоја те спаси.“
43 И одеднаш прогледа и тргна по Него, славејќи Го Бога. И сиот народ, кога го виде тоа, Му воздаде слава на Бога.