1Меѓутоа, кога се насобраа илјадници луѓе — така што се газеа еден со друг, Тој почна да им зборува најнапред на Своите ученици: „Пазете се од квасот фарисејски, што е лицемерие.
2Нема ништо сокриено што нема да се открие, ниту пак тајно што не ќе се дознае.
3Затоа, што сте рекле во темнина, ќе се слушне на виделина; и што сте шепотеле на уво во скришните одаи, ќе биде разгласено од покривите.
4А вам, на Моите пријатели, ви велам: не плашете се од оние што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат.
5Ќе ви покажам од кого да се плашите: плашете се од Оној Кој, откако убие, има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него плашете се!
6Зар не се продаваат пет врапчиња за две парички? И ниедно од нив Бог не го заборава.
7А вам, и влакната на главата ви се изброени. Па затоа, не плашете се: од многу врапчиња вие сте поскапи.
8Ви велам: секој што Ме признава Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели.
9А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10На секој што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој ќе похули на Светиот Дух, нема да му се прости.
11А кога ќе ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;
12зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете.“
13Некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“
14А Тој му рече: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“
15Потоа им кажа: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.“
16И им кажа една парабола и рече: „На некој богат човек нивата му беше родила многу.
17И размислуваше во себе, велејќи: ‚Што да направам? Немам во што да ги соберам плодовите свои.‘
18Па рече — вака ќе направам: ќе ги урнам амбарите свои и ќе соѕидам поголеми, и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра,
19и ќе ѝ речам на душата своја: ‚Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!‘
20Но Бог му рече: ‚Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?‘
21Така се случува со оној што собира богатство за себе, а не се богати во Бога.“
22И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја што ќе јадете, ниту за телото свое што ќе облечете.
23Зашто душата е многу поскапа од храната, и телото — од облеката.
24Погледајте ги гавраните! Тие ниту сеат, ниту жнеат! И немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците?
25Мисли ли некој од вас дека, ако се грижи, може да му додаде еден лакт на својот раст?
26И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго?
27Погледајте ги лилјаните како растат! Ниту се трудат, ниту предат; но ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив.
28Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе ќе ве облекува вас, маловерни!
29Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!
30Сето тоа го бараат незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно.
31Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви биде придодадено!
32Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.
33Продајте си ги имотите ваши и давајте милостина! Подгответе си ќесиња што нема да изветват, ризница на небото, каде крадец не се приближува и кое молец не го јаде;
34зашто, каде што е вашата ризница, таму ќе биде и срцето ваше.
35Нека ви биде половината препашана и светилата — запалени!
36Тогаш и вие ќе личите на оние луѓе, што го чекаат својот господар да се врати од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и почука.
37Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаша и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи.
38А ако дојде и на втора или на трета ноќна стража, и ги затекне така, блазе на тие слуги!
39Знајте го и тоа дека, ако домаќинот на куќата би знаел во кој час ќе дојде крадецот, тој би седел буден и не би дозволил да му ја поткопаат куќата.
40Затоа и вие, бидете подготвени, зашто Синот Човечки ќе дојде во часот кога не се надевате!“
41А Петар Му рече: „Господи, за нас ли ја кажуваш оваа парабола, или за сите?“
42Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и разборит управител, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им ја дава потребната храна навреме?
43Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, ќе го затекне така да постапува!
44Вистина ви велам дека тој ќе го постави него над целиот свој имот.
45Ако, пак, тој слуга си рече во срцето свое: ‚Нема скоро да дојде мојот господар!‘, па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива,
46господарот на тој слуга ќе дојде во ден во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави меѓу неверните.
47А оној слуга кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен.
48Кој, пак, не знаел и направил нешто што заслужува тепање, ќе биде малку тепан. Кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е доверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.
49Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел.
50Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно додека не се сврши тоа.
51Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку разделеност.
52Зашто отсега, пет члена во една иста куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца.
53Ќе се разделат татко против син и син против татко; мајка против ќерка и ќерка против мајка; свекрва против снаата своја и снаа против свекрвата своја.“
54А на народот му рече: „Кога гледате дека се крева облак од запад, тогаш велите: ‚Ќе врне дожд!‘ И тоа се случува.
55А кога дува јужниот ветар, велите: ‚Ќе биде горештина!‘ Па така и бива.
56Лицемери, знаете како да го толкувате лицето на небото и земјата, зошто ова време не умеете да го толкувате?
57Зошто тогаш сами од себе не судите што е праведно?
58Кога одиш со својот обвинител пред власта, потруди се уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на извршителот и тој да те фрли в затвор.
59Ти велам, оттаму нема да излезеш, сѐ додека не ја дадеш и последната пара.“