Leviticus 7
1 „Ова е законот за жртвата поради вина — тоа е најголема светиња.
2 На она место, на кое се коле жртвата сепаленица, на тоа место нека се коле и жртвата за вина; а со крвта да се попрска жртвеникот од сите страни.
3 А сиот лој нејзин да се принесе; опашката и лојот што ја покрива утробата,
4 и двата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на црниот дроб нека ги извади заедно со бубрезите,
5 нека ги изгори свештеникот врз жртвеникот како жртва за Господ; тоа е жртва поради вина.
6 Секое машко од свештеничкиот род нека ја јаде; на свето место да се јаде; тоа е најголема светиња.
7 Жртвата за вина е како жртвата за престап, еден закон е и за двете; таа му припаѓа на свештеникот, кој ослободува од гревот со помош на неа.
8 А кога свештеникот принесува нечија жртва сепаленица, кожата од жртвата што ја принесува негова нека биде.
9 И секој лебен принос печен во печка или приготвен во подница или во тава, му припаѓа на оној свештеник што го принесува.
10 А секој лебен принос приготвен со масло или без масло, им припаѓа на сите Аронови синови, подеднакво.
11 Тоа е закон за жртвата за мир, што Му се принесува на Господ.
12 Кога некој ја принесува од благодарност, заедно со жртвата треба да принесат и бесквасни лебови, замесени со масло, и бесквасни питки намачкани со масло, како и пченично брашно измешано со масло и лебови, месени со масло.
13 Освен питки, да принесува жртва и леб месен со квас, како жртвата за мир од благодарност.
14 И од сето она што се принесува, нека принесува едно како жртва што се вознесува пред Господ; тоа нека му припаѓа на оној свештеник што попрскува со крвта на жртвата за мир.
15 А месото на жртвата за мир од благодарност нека биде негово и нека се изеде во оној ден кога се принесува; нека не се остава ништо до изутрината.
16 Ако се принесува жртва поради завет или од усрдност, таа нека се јаде во истиот ден, а ако остане нешто, нека се изеде другиот ден.
17 Ако нешто од месото на таа жртва остане третиот ден, тогаш нека се изгори со оган.
18 Ако некој на третиот ден јаде од месото на жртвата за мир, таа нема да му биде примена, бидејќи тоа е осквернување; и секој што ќе јаде од неа, ќе згреши.
19 Ако тоа месо се допре до нешто нечисто, да не се јаде, туку да се изгори со оган; а чистото месо може да го јаде секој што е чист.
20 А ако некој има на себеси нечистотија, па јаде месо од жртвата за мир што е на Господ, тој треба да се истреби од својот народ.
21 И ако некој, откако се допре до нешто нечисто или до нечистотија човечка, или до нечист добиток, или до некоја нечиста гадинка, па јаде месо од жртвата за мир што е на Господ, тој да се истреби од народот свој!“
22 И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
23 „Кажи им на синовите на Израел, и речи им: не јадете лој ни од вол, ни од овца, нити од коза.
24 Лојот од добиток што пцовисал или е растргнат од ѕвер може да се употребува за секоја работа; но тој лој да не се јаде.
25 Оној, што ќе јаде лој од добиток, што се принесува како жртва пред Господ, нека се истреби од народот свој.
26 Никаква крв да не јадете во сите живеалишта свои, од ниедно животно, ниту, пак, од птици.
27 А кој ќе јаде каква и да било крв, ќе биде истребен од народот свој!“
28 Пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
29 „Кажи им на синовите израелски, и речи им: кој принесува жртва за мир пред Господ, нека принесува дел од жртвата како принос на Господ.
30 Со свои раце да принесува принос пред Господ; лојот со градите нека го принесува, нишајќи ги градите пред лицето Господово.
31 А свештеникот нека го изгори лојот врз жртвеникот, додека, пак, градите да му припаднат на Арон и синовите негови.
32 А десната плешка од жртвата за мир, давајте му ја на свештеникот, за да му биде како дел.
33 На свештеникот, пак, од синовите Аронови, што ги принесува крвта и лојот од жртвата за мир, нека биде негова десната плешка.
34 Зашто градите од жртвата за мир и плешките што се вознесуваат, ги земам од синовите израелски и му ги давам на свештеникот Арон и на синовите негови како вечно озаконет дел од синовите израелски.
35 Тоа ќе биде дел на Арон и на синовите негови од приносите пред Господ, од оној ден кога ќе застанат пред Господ како жртвоприносители,
36 како што им заповеда Господ на синовите израелски да им се дава од денот кога ги помаза. Тоа е вечен закон за поколенијата нивни.
37 Тоа е законот за жртвата сепаленица, за жртвата за престап, за жртвата за вина, за жртвата за посветување и жртвата за мир,
38 што му го даде Господ на Мојсеј во Гората Синајска, во денот кога им заповеда на синовите израелски во Пустината Синајска да Му ги принесуваат на Господ своите жртви.“