1И уште му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2„Кажи им на синовите израелски: ако некој згреши пред Господ не сакајќи, против која и да било заповед Господова и изврши нешто, што не треба да прави, —
3ако помазаниот свештеник згрешил и го обвинил народот, тоа за гревот свој, што го направил, нека Му принесе на Господ за гревот од крупниот добиток — теле без недостаток,
4па откако ќе го доведе телето пред влезот од скинијата на собранието пред Господ, нека ја положи раката своја врз главата на телето и да го заколе телето пред Господ.
5А помазаниот свештеник нека земе од крвта од телето, и нека ја внесе во скинијата на собранието.
6И свештеникот нека го накваси прстот свој во крвта, и со крвта седумпати нека попрска пред Господ спрема завесата на светилиштето.
7А потоа свештеникот со таа крв нека ги помаже роговите на жртвеникот, на кој се кади со благопријатен мирис пред Господ, Кој е во скинијата на собранието, а остатокот од крвта на телето нека го излее во подножјето на жртвеникот за жртви сепаленици, кој е кај влезот од скинијата на собранието.
8И нека го извади сиот лој од телето за грев, лојот што ја покрива утробата и сиот лој што е на утробата;
9и обата бубрега, и лојот што е на нив и на слабините, и кошулката на црниот дроб со бубрезите нека ги извади,
10онака како што се вади тоа од теле за жртва за мир; и нека ги изгори свештеникот на жртвеникот за жртви сепаленици.
11А кожата од телето со сето месо, со главата и со крајниците, утробата и нечистотијата,
12целото теле нека го изнесат надвор од логорот на чисто место, каде што се истура пепелта, и нека го изгорат со оган на дрва; на местото, каде што се истура пепелта, нека се изгори.
13А ако целата заедница на синовите израелски згреши, не сакајќи, а тоа се сокрие од собирот, па направат нешто што Господ забранил да се прави, и бидат виновни;
14кога ќе се узнае гревот нивни, во што згрешиле, тогаш заедницата нека принесе здраво теле како жртва за гревот, и нека го доведат пред скинијата на собранието.
15А старешините на заедницата нека положат раце врз главата на телето пред Господ, и да го заколат телето пред Господ.
16А помазаниот свештеник нека внесе крв од телето во скинијата на собранието.
17Потоа нека го натопи свештеникот прстот свој во крвта, и седумпати нека попрска пред завесата на светилиштето,
18а од таа крв нека стави и на роговите од жртвеникот за кадење што е пред Господ во скинијата на собранието, додека сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за приноси, што е кај влезот од скинијата на собранието.
19Сиот, пак, лој, откако ќе го извади од него, нека го изгори на жртвеникот.
20И со тоа теле да направи онака како што прави со телето за грев — така нека направи со него; и така свештеникот ќе ги очисти, и гревот ќе им се прости.
21А телето цело нека го изнесат од логорот, и нека го изгорат како и првото теле; тоа е жртва за гревот на целиот народ.
22Ако згреши главатар и направи, не сакајќи, нешто што Господ Бог забранил да се прави, виновен ќе биде.
23А кога ќе узнае во себеси за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе за жртва козел, без недостаток.
24И нека ја стави раката своја врз главата на козелот и нека го заколе на она место, каде што се колат жртвите сепаленици пред Господ; тоа е жртва за грев.
25И нека земе свештеникот крв од жртвата за грев и со прстот свој нека ги намачка роговите на жртвеникот за сепаленици; а сета друга крв негова нека ја излее во подножјето на жртвеникот за сепаленици.
26А сиот лој нека го изгори на жртвеникот како и лојот од жртвата за мир; и така ќе го очисти свештеникот од гревот негов, и ќе му се прости.
27И ако некој од народот згреши и не сакајќи направи нешто што Господ забранил да се прави, виновен е.
28Кога ќе узнае, пак, за гревот свој што го направил, тогаш нека принесе дар свој — коза од козите свои, без недостаток, поради гревот што го направил;
29и нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, и нека се заколе козата како жртва за грев на местото, каде што се колат жртвите сепаленици.
30Потоа нека земе свештеникот крв од неа на прстот свој и нека ги помаже роговите на жртвеникот за сепаленици: а сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот.
31И сиот лој од неа нека го извади како што се вади лојот од жртвата за мир, и нека го изгори свештеникот на жртвеникот за пријатен мирис пред Господ; и така ќе го очисти свештеникот, па ќе му биде простено.
32Ако принесува жртва за грев јагне, нека донесе женско и без недостаток.
33И нека ја стави раката своја врз главата од жртвата за грев, па нека ја заколе поради гревот на она место, каде што се колат жртвите сепаленици.
34И свештеникот нека земе крв од жртвата за грев и со прстот свој со неа нека ги намачка роговите на жртвеникот, на кој се гори жртвата; а сета друга крв нека ја излее во подножјето на жртвеникот за сепаленици.
35И сиот лој нека го извади, како што се вади лојот од јагне за жртва за мир; и нека го изгори свештеникот врз жртвеникот како жртва Господова; и така свештеникот ќе го очисти од гревот негов, што го направил, и ќе му се прости.“