1„Ако некој сака да Му принесе на Господ лебна жртва, нека принесе пченично брашно, и нека го прелие со масло, па на него нека стави темјан;
2нека ја донесе кај синовите Аронови, свештениците, а свештеникот да земе полна рака од брашното сосе масло и со сиот темјан, па нека ја изгори свештеникот на жртвеникот за спомен; тоа е жртва со пријатен мирис на Господ,
3а она што ќе остане од лебната жртва, нека биде за Арон и за неговите синови: тоа е најголема светиња меѓу жртвите на Господ.
4Ако, пак, се принесува како жртва лебен принос печен во печка, тоа нека бидат бесквасни лебови, замесени со масло, и бесквасни питки, намачкани со масло.
5Ако ти е жртвата дар печен во тава, нека биде од пченично брашно, замесено со масло, без квас;
6раскрши ја на парчиња и полеј ја со масло: тоа е лебен принос.
7Ако ти е лебниот принос жртва печена во подница, таа треба да биде направена од пченично брашно со масло.
8И принеси ја жртвата, што си ја приготвил од тоа, на Господ: претстави ја пред свештеникот, а тој нека ја положи на жртвеникот;
9и свештеникот нека земе дел од таа жртва за спомен и нека ја изгори на жртвеникот: тоа е жртва со благопријатен мирис пред Господ;
10остатокот, пак, од лебниот принос нека биде за Арон и синовите негови; тоа е најголема светиња меѓу жртвите на Господ.
11Ниеден лебен принос, што Му го принесувате на Господ, не правете го со квас, зашто ни квас ниту мед не треба да се принесува како жртва на Господ.
12Принесувајте Му ги нив на Господ како првини од плодовите; но на жртвеникот да не се полагаат како пријатен мирис пред Господ.
13Секој лебен принос со сол засоли го, и не оставај ја својата жртва на заветот на твојот Бог без сол: при секоја твоја жртва принеси сол.
14Ако Му принесуваш на Господ лебен принос од првите житни плодови, принесувај го како дар од своите први плодови во зрна од исчукани пресни класја, исушени на оган,
15полеј ги со масло и стави врз нив темјан: тоа е лебен принос,
16а свештеникот да изгори дел од зрната и маслото со сиот темјан за спомен: тоа е жртва на Господ.“