Leviticus 17
1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2 „Кажи му на Арон и на синовите негови и на сите синови израелски и речи им: еве што заповеда Господ:
3 ако некој од домот Израелов заколе вол или овца, или коза во населбата, или надвор од населбата,
4 а не го доведе кај влезот од скинијата на собранието, за да Му принесе дар на Господ пред живеалиштето Негово, тогаш тој човек да се обвини за крв: тој пролеал крв, да се истреби од народот негов.
5 Така да ги принесуваат синовите израелски жртвите свои, што ги колат в поле и да ги донесуваат пред Господ крај влезот од скинијата на собранието, кај свештеникот, и да ги колат пред Господ како жртви за мир,
6 и да попрска свештеникот со крв околу жртвеникот Господов крај влезот од скинијата на собранието и да го запали лојот за благопријатен мирис пред Господ.
7 И да не принесуваат во иднина жртви свои на идоли, во кои самите блудствуваат. Ова нека биде вечна наредба и за поколенијата ваши.
8 Кажи им уште: ако некој од домот Израелов или од придојдените, што живеат меѓу вас, принесува сепаленица или жртва
9 и не ја донесе крај влезот од скинијата на собранието, за да ја принесе пред Господ, таа душа да се истреби од народот свој.
10 Ако, пак, некој од домот Израелов или од придојдените, што живеат меѓу вас, јаде каква и да било крв, тогаш Јас ќе го свртам лицето Мое против душата на оној, што ќе јаде крв, и ќе го истребам од народот,
11 зашто душата на секое тело е во неговата крв, и Јас ви ја дадов за жртвеникот за да ги очистувате душите ваши, бидејќи таа крв ја очистува душата.
12 Поради тоа и им реков на синовите израелски: ниедна душа меѓу вас не смее да јаде крв, па ни придојдениот, кој живее меѓу вас, не смее да јаде крв.
13 А, ако некој од синовите израелски и од придојдените, кои живеат меѓу вас, фати во лов диво животно или птица, што се јаде, да ја пушти крвта да истече и да ја покрие со земја,
14 зашто душата на секое тело е во крвта негова и затоа им реков на синовите на Израел: не јадете крв од никакво тело, бидејќи душата на секое тело е во крвта негова; секој што ќе ја јаде, ќе биде истребен.
15 И секој кој јаде мрша или ѕверојадина, ваш или придојден, нека ја испере облеката своја, и да го измие телото свое со вода и ќе биде нечист до вечерта, а потоа ќе биде чист.
16 Ако, пак, не ја испере, и не го измие телото свое со вода, ќе го прими своето беззаконие врз себе.“