Lamentations 3
1 Јас сум човек, кој видов мака од палката на Неговиот гнев;
2 Тој ме поведе и воведе во темнина, а не во светлина.
3 Тој се сврте само против мене и цел ден ме биеше со раката Своја;
4 го исцеди телото мое и кожата моја, ги здроби коските мои;
5 ме загради и ме опколи со горчила и маки;
6 ме постави во темно место, како одамна умрените;
7 ме огради со ѕид, да не можам да излезам, ми направи тешки вериги;
8 и, кога викав и пискав, ја одбиваше молитвата моја;
9 со камења ги прегради патиштата мои, ги попречи патеките мои.
10 Тој стана за мене како мечка во заседа, како лав на скришно место;
11 ме истера по беспаќа и ме раскина, ме уништи;
12 го затегна лакот Свој и ме постави како цел за стрела;
13 ги прострела бубрезите мои со стрели од торбата Своја.
14 Станав потсмев за сиот народ мој, негова секојдневна шега.
15 Ме презасити со горчила, со пелин ме напои;
16 со камен ми ги скрши забите мои, со пепел ме покри.
17 Избега мирот од душата моја; заборавив за добри работи
18 и реков: дотраја животот мој и надежта моја од Господ.
19 Помисли на моето страдање и на мојата мака, за пелинот и за жолчката.
20 Душата моја постојано се сеќава на тоа и премалува во мене.
21 Еве што му одговорив на срцето мое и поради тоа имам надеж:
22 по милоста на Господ не загинавме наполно, бидејќи милосрдието Негово не е пресекнато;
23 тоа се обновува секое утро; верноста Негова е голема!
24 Господ е дел мој, ми вели душата, па така на Него ќе се надевам.
25 Добар е Господ кон оние, кои се надеваат на Него, кон душата, која Го бара.
26 Добро му е на оној, кој трпеливо го очекува спасението од Господ.
27 Добро е за човекот да го носи јаремот свој во младоста своја.
28 Сам ќе седи и ќе молчи, бидејќи Господ му го ставил бремето врз него.
29 Нека ја допре устата своја до земјата, можеби уште има надеж.
30 Го подава образот свој на оној, кој бие, да трпи навреди до презаситување,
31 бидејќи Господ не отфрла за навек.
32 Пратил ли неволја, Тој и ќе се смилува според Својата голема милост.
33 Зашто Тој не по волјата на Своето срце ги казнува и ги ожалостува синовите човечки.
34 Но, кога ги газат со нозете сите затвореници на земјата,
35 кога неправедно осудуваат човек пред лицето на Севишниот,
36 кога му се нанесува неправда на човекот во неговиот спор: зар Господ не гледа?
37 Кој вели — „Бива и она што Господ не заповедал да биде?“
38 Зар не доаѓаат и злото и доброто од устата на Господ?
39 На што се жалат живите луѓе? Секој за гревовите свои?
40 Да ги испитаме и да ги истражиме патиштата свои и да се вратиме кај Господ.
41 Нека го подигнеме срцето свое и рацете свои кон Бога, Кој е на небесата.
42 Ние згрешивме и се противевме, Ти не нѐ поштеди.
43 Ти се облече со гнев и нѐ прогони, нѐ умртвуваше, и не нѐ жалеше;
44 Ти се сокри во облак, за да не продре молитвата наша;
45 смет и гнасотија нѐ направи меѓу народите.
46 Широко ги отворија устите против нас сите наши непријатели.
47 Ужас и јама, пустош и разорение — тоа е делот наш.
48 Потоци солзи лее окото мое за погибелта на ќерката од мојот народ.
49 Окото ми се прелива и не престанува, бидејќи нема одмор
50 сѐ додека Господ не погледне милостиво и види од небесата.
51 Окото мое е причина да страда душата моја заради сите ќерки на мојот град.
52 Постојано се силат непријателите мои да ме уловат како птичка, без никаква причина.
53 Го фрлија во јама животот мој и ме засипаа со камења.
54 Водата се подигна над главата моја; па си реков — „Загинав.“
55 Го повикав името Твое, Господи, од длабоката јама.
56 Ти го чу гласот мој; не затнувај го увото Свое за мојата воздишка и за мојот плач!
57 Ти се приближуваше, кога ќе повикав кон Тебе, и велеше — не плаши се!
58 Ти го заштитуваше, Господи, делото на мојата душа; го избавуваше мојот живот.
59 Ти гледаш како ме угнетуваат, Господи; пресуди го делото мое.
60 Ти ја гледаш сета одмазда нивна, сите намери нивни против мене.
61 Ти ги слушаш, Господи, навредите нивни, сите намери нивни против мене,
62 зборовите на оние, што стануваат против мене, и лукавствата нивни против мене секој ден.
63 Погледај, седнат ли, станат ли, јас сум подбивна песна за нив.
64 Казни ги, Господи, според делата на рацете нивни;
65 прати им закоравеност на срцето нивно и проклетсвото Твое врз нив;
66 гони ги, Господи, со гнев и истреби ги од поднебјето!