Lamentations 22006

1Како ја помрачи Господ во гневот Свој ќерката Сионова! Од небесата ја симна славата Израелова и не се потсети за подножјето на нозете Свои во денот на Својот гнев.

2Господ ги сотре сите живеалишта на Јаков, не ги поштеди; ги разруши во јароста Своја сите тврдини на ќерката Јудина, ги кутна на земја, ги отфрли царството негово и кнезовите негови, како нечисти.

3Во жестокиот гнев Свој ги скрши сите рогови Израелови, ја повлече десницата Своја од непријателот и се разгори против Јаков како огнен пламен, кој проголтува сѐ наоколу;

4го затегна лакот Свој како непријател, ја управи десницата Своја како непријател и уби сѐ што е мило за очи­те; врз скинијата на ќерката Сионова ја излеа како оган јароста Своја.

5Господ стана како непријател, го истреби Израел, ги разори сите домови негови, ги разруши тврдините негови и умножи при ќерката Јудина тага и плач.

6И ја сруши скинијата Своја како градина; го разори местото Свое во собранието, Господ направи на Сион да се забораваат празниците и саботите; и во Своето гневно негодување отфрли и цар и свештеник.

7Го отфрли Господ жртвеникот Свој, го одврати срцето Свое од светилиш­тето Свое, ги предаде на непријателите ѕидовите на дворците нивни; во домот Господов тие се развикаа како во празничен ден.

8Господ реши да ги разруши ѕидовите на ќерката Сионова, оптегна јаже, не ја одврати раката Своја од разрушувањето; ги сосипа надворешните тврдини, и ѕидовите беа заедно со нив разрушени.

9Портите нејзини во земја потонаа; Тој ги искрши и ги уништи резињата нивни; царот нејзин и кнезовите нејзини се меѓу незнабошците; Законот веќе не се чита, и пророците нејзини веќе не се удостојуваат со виденија од Господ.

10Старешините на ќерката Сионова седат на гола земја и молчат, си ги по­сипуваат со пепел главите свои, се пре­пашуваат со вреќиште; ги наведнале главите кон земјата девојките еруса­лимски.

11Ми отекоа од солзи очите мои, ут­робата ми се превртува, срцето ми се кине, зашто гине ќерката на мојот на­род, кога децата и доенчињата умираат од глад по плоштадите на Еру­салим.

12Умирајќи како ранети по градските улици, тие им велат на мајките свои: „Каде има жито и вино?“ и ги испуш­таат душите свои во мајчините прегратки.

13Што да ти кажам и со што да те споредам, ќерко ерусалимска? Што да ти направам, за да те утешам, девојко, ќерко Сионова? Зашто раната твоја е како море голема; кој може да те исцели?

14Пророците твои ти кажуваат работи неостварливи и лажни, не го откриваа твоето беззаконие, за да те од­вратат од твоето ропство, и искажуваа лажни откровенија, кои те доведоа до прогонство.

15Раце плескаат за тебе сите што минуваат по пат, си потсвирнуваат и си ги нишаат главите за ќерката еруса­лимска, па велат: „Ова е градот, што го нарекуваа совршенство на убавината, радост на целата земја?“

16Ги отвориле устите на тебе сите непријатели твои, си потсвирнуваат и си крцкаат со забите свои, велејќи: „Го проголтавме, та само овој ден и го че­кавме ние, го дочекавме и го видовме!“

17Господ го изврши она, што беше определил, го исполни зборот Свој, из­речен во поранешните времиња, безми­лосно го разори и го предаде на непријателот, кој ликува над тебе, го крена високо рогот на твоите непријатели.

18Срцето нивно повикува кон Господ. Карпо на ќерката Сионова! Леј солзи дење и ноќе, не давај си мир, не затворај ги зениците на очите свои!

19Станувај, викај ноќе при почетокот на секоја стража; излевај го како вода срцето свое пред лицето на Господ; протегај ги кон Него рацете свои за душата на децата свои, кои умираат од глад по аглите на сите улици.

20„Погледај, Господи, и види: кому си му направил вака — жените да го јадат плодот свој — децата, од нив отхранети? Во светилиштето Господово да биваат убивани свештеник и пророк?

21Децата и старците лежат мртви по улиците; момите и момците мои паднаа од меч; Ти ги убиваше во денот на Твојот гнев, колеше безмилосно.“

22Како на празник ги повика сите мои ужаси, и во денот на гневот Господов никој не се спаси, никој не побегна; оние, што бев ги отхранила и одгледала, непријателот ми ги истреби.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Lamentations 2.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.