Judges 132006

1Израеловите синови пак правеа зло пред Господ, и Господ ги предаде во рацете на Филистејците за време од четириесет години.

2Во тоа време имаше еден човек од Цора, од Дановото племе, по име Ма­ној; жена му беше неплодна и немаше деца.

3И ангел Господов ѝ се јави на жената и ѝ рече: „Ете, ти си неплодна и немаш деца; но ќе зачнеш и ќе родиш син;

4затоа пази се, не пиј вино и друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто;

5зашто, ете, ќе зачнеш и ќе родиш син, и брич нема да ја допре главата негова, зашто од самата мајчина утроба тоа младенче ќе биде назир Божји, и ќе почне да го спасува Израел од рацете на Филистејците.“

6Жената дојде и му кажа на мажот свој, велејќи: „Човек Божји дојде кај мене, и лицето му беше како лице на ангел Божји, многу страшно; јас не го прашав од каде е, и тој не ми го кажа името свое;

7тој ми рече: ‚ете, ќе зачнеш и ќе родиш син; затоа не пиј вино и друг алкохолен пијалак и не јади ништо нечисто, бидејќи детето од самата мај­чина утроба па до смртта своја ќе биде посветено на Бога.‘“

8И Маној Му се помоли на Господ и рече: „Господи! Нека дојде пак кај нас човекот Божји што си го испратил, и нека нѐ научи како да постапиме со детето што ќе се роди.“

9Бог ја слушна молитвата на Маној, и ангелот Божји пак дојде кај жената, кога таа беше во полето, а Маној, мажот нејзин, не беше со неа.

10Жената во тој момент потрча и му јави на мажот свој и му рече: „Ете, ми се јави човекот, кој порано дојде кај мене.“

11Маној стана и тргна со жена си, и дојде кај оној човек и му рече: „Ти ли си човекот што говорел со оваа жена?“ И тој рече: „Јас.“

12И рече Маној: „И така, нека се исполни зборот твој, но како да постапуваме со тоа дете, и што да пра­виме со него?“

13Ангелот Господов му кажа на Маној: „Нека се чува тој од сѐ она, за кое ѝ говорев на жената;

14нека не јаде ништо од она што лозата го раѓа; нека не пие вино и друг алкохолен пијалак, да не јаде ништо нечисто и да внимава на сѐ што ѝ заповедав.“

15А Маној му рече на ангелот Господов: „Дозволи ми да те задржам, додека да зготвиме јаре.“

16Ангелот Господов му рече на Маној: „И да ме задржиш, јас нема да јадам твој леб; ако, пак, сакаш да Му принесеш жртва на Господ, принеси Му.“ Маној не знаеше дека е тоа ангел Господов.

17Маној пак го праша ангелот Гос­подов: „Како ти е името, за да те про­славам, кога ќе се исполни зборот твој.“

18Ангелот Господов му одговори: „Зошто прашуваш за името мое? Тоа е чудно.“

19И го зеде Маној јарето и лебниот принос и Му ги принесе на Господ врз камен. И Тој изврши чудо, кое го видоа Маној и неговата жена.

20Кога почна пламенот да се издига од жртвеникот кон небото, ангелот Господов се издигна во жртвениот пламен. Откако го видоа тоа, Маној и жената негова паднаа ничкум на земјата.

21И ангелот Господов стана невидлив за Маној и жената негова. Тогаш Маној дозна дека тоа беше ангел Господов.

22И ѝ рече Маној на жената своја: „Бездруго ќе умреме, бидејќи Го ви­довме Бога.“

23Жената му рече: „Ако Господ са­каше да нѐ умртви, не би примил од рацете наши жртва сепаленица и лебен принос, и не би ни го покажал сето она, а сега не би ни го открил ова.“

24И жената роди син и го нарече со името Самсон. И детето растеше, и Гос­под го благословуваше.

25И Духот Господов почна да дејствува во него во Дановиот логор, меѓу Цора и Ештаол.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Judges 13.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.