Judges 11
1 А Ефтај беше од Галаад, човек храбар; Тој беше син на една блудница, со која Галаад го роди Ефтај.
2 Но жената на Галаад му роди синови. Кога пораснаа синовите од жената, таа го истера Ефтај, велејќи му: „Ти не си наследник на домот на нашиот татко, зашто си син на друга жена.“
3 И Ефтај избега од браќата свои во земјата Тов. Кај Ефтај се собраа тогаш безделници и одеа со него.
4 По извесно време Амонците влегоа во војна против Израел.
5 Во времето на војната на Амонците против Израел отидоа галаадските старешини да го доведат Ефтај од земјата Тов,
6 и му рекоа на Ефтај: „Дојди, стани ни војвода и ќе војуваме против Амонците.“
7 Ефтај им рече тогаш на галаадските старешини: „Нели ме намразивте и ме истеравте од домот на татко ми? Зошто дојдовте сега кај мене, кога сте во неволја?“
8 Галаадските старешини му одговорија на Ефтај: „За тоа дојдовме кај тебе сега, за да дојдеш со нас и да војуваш против Амонците и да бидеш кај нас кнез на сите жители галаадски.“
9 А Ефтај им одговори на галаадските старешини: „Ако ме вратите за да се борам против Амонците, и Господ ми ги предаде, ќе станам ли кај вас кнез?“
10 Галаадските старешини му рекоа на Ефтај: „Господ нека биде сведок меѓу нас дека ќе постапиме според зборот твој!“
11 Потоа Ефтај отиде со галаадските старешини, и народот го постави за свој поглавар и војвода. И Ефтај ги искажа сите свои зборови пред Господ што ги беше рекол во Мицпа.
12 И Ефтај испрати тогаш гласници кај амонскиот цар да каже: „Што бараш од мене, та си дошол кај мене да војуваш во земјата моја?“
13 А амонскиот цар им рече на Ефтаиевите гласници: „Кога Израел дојде од Египет, ја зазеде мојата земја од Арнон до Јавок и Јордан; затоа врати ми ја на мирен начин.“
14 Но Ефтај пак испрати гласници кај амонскиот цар
15 за да му кажат: „Вака вели Ефтај: Израел не ја зазеде земјата моавска и земјата амонска;
16 зашто, кога доаѓаше од Египет, Израел отиде во пустината кај Црвеното Море и дојде во Кадис;
17 оттаму Израел испрати гласници кај едомскиот цар за да кажат: ‚дозволи ми да минам низ земјата твоја‘. Но едомскиот цар не се согласи; испрати и кај моавскиот цар, но и тој не се согласи. Затоа Израел остана во Кадис.
18 И тргна преку пустината, ја заобиколи земјата едомска и земјата моавска, и дојде до источната граница на моавската земја, и се смести од онаа страна на Арнон; но не влезе во пределите моавски, бидејќи Арнон е граница на Моав.
19 Но Израел испрати пратеници и кај Сихон, царот аморејски, царот од Есевон, и му рече: ‚дозволи ни да минеме преку твојата земја до нашето место.‘
20 Но Сихон не му дозволи на Израел да мине преку неговите предели, и го собра Сихон сиот народ свој, па постави логор во Јахца и се судри со Израел.
21 И Господ, Бог Израелов, го предаде Сихон и сиот негов народ во рацете на Израел, и тој ги испотепа; и завладеа Израел со целата земја на Аморејците, кои живееја во таа земја,
22 и тие завладеаја над сите предели аморејски, од Арнон до Јавок и од пустината до Јордан.
23 И така, Господ, Бог Израелов, ги изгони Аморејците пред народот Свој Израел, а ти сакаш да го завладееш?
24 Зарем ти не владееше со тоа што ти го дал во наследство Хамос, твојот бог? И ние владееме со сето она што ни го даде како наследство Господ, нашиот Бог.
25 Зар си ти подобар од Валак, синот на Ципор, царот моавски? Се карал ли тој со Израел или војувал ли против него?
26 Израел живее веќе триста години во Есевон и во неговите села, во Ароер и во неговите села, и во сите градови што се блиску до Арнон; зошто за тоа време не ги одзедовте?
27 Јас не сум виновен пред тебе, а ти ми правиш зло, тргнуваш во војна против мене. Господ нека биде судија меѓу синовите Израелови и Амонците.“
28 Но амонскиот цар не ги послуша зборовите на Ефтај, што тој му ги испрати.
29 И слезе врз Ефтај Духот Господов, и тој го премина Галаад и територијата на Манасија, се врати во Мицпа во Галаад, и од Мицпа отиде кај Амонците.
30 И Ефтај даде завет пред Господ, велејќи: „Ако ги предадеш Амонците во рацете мои,
31 тогаш, кога ќе се вратам со мир од Амонците, сѐ што ќе ми излезе во пресрет од вратата на домот мој, нека биде за Господ, и ќе го принесам како жртва сепаленица.“
32 Па отиде Ефтај кај Амонците да се бори против нив, и Господ му ги предаде во рацете негови;
33 и им нанесе многу голем пораз, и освои дваесет градови, расположени помеѓу Ароер, Минит и Авел-Керамим, и се смирија Амонците пред синовите Израелови.
34 Потоа дојде Ефтај во Мицпа, во домот свој, и ете, ќерка му излегува во пресрет со тимпани и оро: таа му беше единица; освен неа немаше друг син или ќерка.
35 Штом ја виде, ја раскина облеката своја и рече: „Ах, дете мое! Ти ме фрлаш во големи јадови: и ти си меѓу оние што го нарушија спокојството мое! Јас ја отворив устата своја пред Господ и не можам да ја одречам мојата заклетва.“
36 Таа му одговори: „Татко! Ти ја отвори устата своја пред Господ и прави го она со мене што си го кажал со устата своја штом Господ се одмазди преку тебе на твоите непријатели, Амонците.“
37 И му рече на својот татко: „Но допушти ми го само уште ова: пушти ме за два месеца да отидам да се искачам на гората и да го исплачам моминството свое со другарките мои!“
38 Тој ѝ рече: „Оди!“ И ја пушти за два месеца. Таа отиде со другарките свои и го оплакуваше моминството свое во гората.
39 По два месеца таа се врати кај својот татко, и тој го изврши над неа заветот свој што го даде, и таа не позна маж. Оттогаш стана обичај во Израел,
40 секоја година ќерките Израелови да одат и да ја оплакуваат ќерката на галаадчанинот Ефтај, по четири дена во годината.