1Кога целиот народ го премина Јордан, Господ му рече на Исус:
2„Земи од народот дванаесет луѓе, по еден маж од секое племе
3и заповедај им и кажи им: ‚Земете оттука, среде Јордан, каде што стоеја неподвижно нозете на свештениците, дванаесет камења, понесете ги со себе и ставете ги на местото, каде што ќе ноќевате оваа ноќ!‘“
4Исус повика дванаесет луѓе, што ги избра од синовите Израелови, по еден маж од секое племе
5и им рече: „Одете по мене пред лицето на Господ, вашиот Бог, среде Јордан и секој нека земе оттаму по еден камен, и нека го стави на рамо според бројот на племињата на синовите Израелови,
6за да бидат кај вас знак; кога ќе те праша во подоцнежно време синот твој и ќе рече: ‚зошто се овие камења кај вас?‘
7а ти ќе му речеш на синот твој: ‚Водата во реката Јордан престана да тече пред ковчегот на заветот на Господ; кога тој го преминуваше Јордан, тогаш водата јорданска пресуши‘; и така тие камења ќе бидат кај вас како вечен споменик на синовите Израелови.“
8И синовите Израелови направија така, како што заповеда Исус: зедоа дванаесет камења од среде Јордан, како што му рече Господ на Исус, според бројот на племињата на синовите Израелови, и ги понесоа со себе во логорот, и ги ставија таму.
9И други дванаесет камења постави Исус среде Јордан на местото, каде што им стоеја нозете на свешетниците, кои го носеа ковчегот на заветот. Тие се таму и до ден-денес.
10Свештениците, пак, кои го носеа ковчегот, стоеја среде Јордан, додека не беше свршено сѐ што Господ му беше заповедал на Исус — точно така, како што му беше заповедал Мојсеј на Исус; па потоа народот брзо преминуваше.
11Кога целиот народ премина, тогаш премина и ковчегот Господов и камењата пред нив.
12И Рувимовите синови и Гадовите синови и половината од Манасиевото племе поминаа вооружени пред синовите Израелови, како што им беше заповедал Мојсеј.
13Околу четириесет илјади вооружени за борба преминаа пред Господ кон градот Ерихон за да се борат.
14Во тој ден Господ го возвеличи Исус пред целиот Израел и почнаа да го почитуваат како што го почитуваа Мојсеј, додека беше жив.
15И му рече Господ на Исус, велејќи:
16„Заповедај им на свештениците, што го носат ковчегот на заветот, да излезат од Јордан.“
17Исус им заповеда на свештениците и рече: „Излезете од Јордан!“
18И кога свештениците, што го носеа ковчегот на заветот Господов, излегоа од Јордан, и штом нозете нивни стапија на суво, водата на Јордан се спушти на своето место, потече, како порано, по целото корито.
19И народот излезе од Јордан во десеттиот ден на првиот месец и се смести во Гилгал, на исток од Ерихон.
20И дванаесетте камења, што ги беа зеле од Јордан, Исус ги постави во Гилгал
21и им рече на синовите Израелови: „Кога ќе ве прашаат вашите синови, велејќи: ‚Зошто се овие камења?‘
22кажете им на вашите синови: Израел го помина Јордан по суво.
23Зашто Господ, вашиот Бог, ги исуши водите на Јордан за вас, додека да го преминете, исто онака, како што Господ, вашиот Бог, го направи со Црвеното Море, кое го исуши пред нас, додека го преминувавме,
24за да видат сите народи на земјата дека раката Господова е силна, и да Го почитувате Господа, вашиот Бог, секогаш.“