Jonah 3
1 И повторно дојде словото Господово до Јона, велејќи му:
2 „Стани и појди во градот Ниневија, големиот град и проповедај му го она што ќе ти кажам.“
3 Стана Јона и отиде во Ниневија по заповед на Господ; а Ниневија беше многу голем град: три дена одење.
4 И Јона почна да оди по градот, колку што можеше да се изоди за еден ден, и проповедаше, велејќи: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната!“
5 И поверуваа Ниневјаните во Бога, прогласија пост и се облекоа во вреќи, мало и големо.
6 Таа проповед дојде и до царот на Ниневија, и тој стана од престолот свој, ја соблече царската облека, се облече во вреќиште и седна во пепел,
7 па заповеда да се прогласи и да се каже во Ниневија од името на царот и од неговите големци, ни луѓето, ни добитокот, ни воловите, ниту овците да не јадат ништо и да не одат на пасење и да не пијат;
8 и луѓето и добитокот да бидат покриени со вреќишта и силно да извикуваат кон Бога: секој да се откаже од својот лош пат и од неправдите што ги вршел.
9 Кој знае, можеби Бог ќе се смилостиви и ќе го отфрли од нас Својот разгорен гнев, и така да не загинеме.
10 И ги виде Бог нивните дела дека тие се одвратија од својот лош пат, па се сожали по однос на злото, за кое беше рекол дека ќе го нафрли врз нив, и не го нафрли.