Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

John 8

:
Macedonian - 2006
1 А Исус отиде на Маслиновата Гора.
2 Утредента пак дојде во храмот и сиот народ доаѓаше кај Него. А Тој сед­на и ги поучуваше.
3 Тогаш книжниците и фарисеите до­ведоа кај Него жена фатена во прељубодејство; ја поставија насреде и
4 Му рекоа: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство.
5 А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?“
6 Тоа го рекоа за да Го искушаат и да го обвинат. А Исус се наведна долу и почна со прст да пишува во земјата, не гледајќи ги.
7 Кога продолжија да го прашуваат, Тој се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, прв нека фрли камен на неа!“
8 И пак се наведна долу и пишуваше по земјата.
9 А тие, штом го чуја тоа, бидејќи со­веста ги гризеше, се разотидоа еден по еден, почнувајќи од најстарите па до последните: останаа само Исус и же­на­та, која стоеше насреде.
10 А кога се исправи и не виде никого освен жената, Исус ѝ рече: „Жено, каде се оние што те обвинуваа? Никој ли не те осуди?“
11 А таа рече: „Никој, Господи.“ То­гаш Исус ѝ рече: „Ни Јас не те осудувам. Оди си и немој повеќе да грешиш.“
12 И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот.“
13 Тогаш Му рекоа фарисеите: „Ти сведочиш Сам за Себе; Твоето све­дош­тво не е вистинито.“
14 Исус им одговори и рече: „Макар што сведочам Сам за Себе, Моето сведоштво е вистинито, зашто знам од каде сум дошол и каде одам; а вие не знаете од каде сум дошол и каде одам.
15 Вие судите по телото, Јас не судам никому.
16 И ако судам Јас, Мојот суд е висти­нит, зашто не сум Сам, туку Јас и Отецот, Кој Ме прати.
17 А и во законот ваш е напишано де­ка сведоштвото од двајца сведоци се смета за веродостојно.
18 Јас сведочам за Себе и Отецот, Кој Ме прати, сведочи за Мене.“
19 Тогаш Му рекоа: „Каде е Твојот Отец?“ Исус одговори: „Вие не Ме зна­ете ни Мене, ни Мојот Отец; ако Ме знаевте Мене, ќе Го знаевте и Мојот Отец.“
20 Овие зборови ги кажа Исус кај риз­ницата, кога поучуваше во храмот; и никој не го фати, зашто уште не беше дошол часот Негов.
21 Пак им рече Исус: „Јас си одам, а вие ќе Ме барате и во својот грев ќе ум­рете. Каде што ќе одам Јас, вие не мо­жете да дојдете.“
22 Тогаш Јудејците рекоа: „Да не сака да се самоубие и затоа вели: каде што ќе одам Јас, вие не можете да дојдете?“
23 И им рече: „Вие сте од долу, а Јас сум од горе: вие сте од овој свет, Јас, пак, не сум од овој свет.
24 Затоа ви реков дека ќе умрете во своите гревови; и навистина, ако не по­верувате дека Јас Сум Тој, ќе умрете во гревовите свои.“
25 Тогаш Му рекоа: „Кој си Ти?“ Исус им одговори: „А што ви кажувам од по­четокот?
26 Многу имам за вас да зборувам и да судам; но, Оној што Ме прати е висти­нит и она што сум чул од Него, тоа и му го кажувам на светот.“
27 Но не разбраа дека им говореше за Отецот.
28 А Исус им рече: „Кога ќе Го из­диг­нете Синот Човечки, тогаш ќе сфатите дека сум Јас и дека ништо не правам Сам од Себе, туку, како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам.
29 Оној што Ме прати е со Мене; Оте­цот не Ме остави Сам, зашто секогаш го вршам она што Му е угодно.“
30 Кога Тој го зборуваше ова, мнозина поверуваа во Него.
31 Тогаш Исус им говореше на Ју­деј­ците, што беа поверувале во Него: „Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици;
32 и ќе ја запознаете вистината, и вис­тината ќе ве ослободи.“
33 Му одговорија и рекоа: „Ние сме се­ме Авраамово и никогаш никому не сме робувале; а како Ти велиш: ‚Ќе бидете слободни?‘“
34 Исус им одговори: „Вистина, вистина ви велам: секој што прави грев, роб му е на гревот.
35 А робот не останува вечно дома; Синот останува вечно.
36 И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.
37 Знам дека сте семе Авраамово, но сакате да Ме убиете, зашто словото Мое не може да се смести во вас.
38 Јас го кажувам она што сум го ви­дел кај Мојот Отец; а и вие го правите она што сте го виделе кај вашиот тат­ко.“
39 Му одговорија и рекоа: „Наш татко е Авраам.“ Исус им рече: „Ако бевте чеда Авраамови, вие ќе ги вршевте де­лата Авраамови.
40 А сега сакате да Ме убиете, Мене, Човекот Кој ви ја кажа вистината што ја чу од Бога. Авраам така не правеше.
41 Вие ги вршите делата на својот тат­ко.“ А тие Му рекоа: „Ние не сме ро­де­ни од блудство; еден Отец имаме Бог.“
42 Но Исус им рече: „Ако Бог беше ваш Отец, тогаш ќе Ме сакавте Мене, бидејќи Јас сум излегол и доаѓам од Бо­га. Зашто не дојдов Сам од Себе, туку Тој Ме прати.
43 Зошто не ги разбирате Моите збо­рови? Затоа што не можете да ги слу­шате поуките Мои.
44 Вашиот татко е ѓаволот; и вие са­ка­те да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него не­ма вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажливец и татко на лагата.
45 А бидејќи Јас вистината ви ја ка­жу­вам, не Ми верувате.
46 Кој од Вас може да Ме обвини за неправда? Ако ли, пак, вистина зборувам, тогаш зошто не Ми верувате?
47 Кој е од Бога, тој ги слуша Божјите зборови. А вие не ги слушате, зашто не сте од Бога.“
48 Тогаш Јудејците Му одговорија и рекоа: „Не зборуваме ли право дека си Ти Самарјанин и дека зол дух има во Тебе?“
49 Исус им одговори: „Во Мене нема зол дух, туку Го почитувам Својот Отец, а вие Ме бесчестите.
50 Но Јас не барам Своја слава; има Друг што ја бара, и што ќе суди.
51 Вистина, вистина ви велам; кој ќе ги запази зборовите Мои, нема да види смрт довека.“
52 Тогаш Јудејците Му рекоа: „Сега разбравме дека во Тебе има нечист дух: Авраам умре, и пророците, а ти велиш, кој ќе ги запази зборовите Мои, смрт нема да види довека.
53 Да не си Ти поголем од нашиот тат­ко Авраам, кој умре? И пророците ум­реа; а за кого се сметаш Себе си?“
54 Исус одговори: „Ако се славам Сам, тогаш славата Моја е ништо; Оној Кој ме прославува е Мојот Отец, за Кого вие велите дека е ваш Бог;
55 но не Го познавате, а Јас, пак, го знам. И ако кажам дека не Го познавам, ќе бидам лажго како вие. Но Јас Го знам и го пазам словото Негово.
56 Авраам, таткото ваш, би се зарадувал да го види Мојот ден; и го виде, и се зарадува.“
57 Тогаш Јудејците Му рекоа: „Уште немаш ни педесет години а си го видел Авраам!?“
58 Исус им рече: „Вистина, вистина ви велам: Јас постојам уште пред да се роди Авраам.“
59 Тогаш зедоа камења за да ги фрлат на Него; Исус се сокри и излезе од хра­мот.