1Му одговори Јов на Господ и рече:
2„Знам дека Ти сѐ можеш и дека намерата Твоја не може да биде неизвршена.
3Кој е тој што го помрачува Провидението со зборови што не ги разбира? Ете, јас го говорев она што не го разбирав, за чудни дела што не можев да ги знам.
4Послушај ме, викав јас, и ќе говорам, и што ќе Те прашам, објасни ми го.
5Бев слушал за Тебе со слухот на увото; сега, пак, очите мои Те гледаат;
6затоа јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел.“
7И потоа, откако Господ му ги изговори на Јов овие зборови, му рече на Елифаз од Теман: „Се разгоре гневот Мој против тебе и против двајцата другари твои, затоа што не зборувавте за Мене вистина, како Мојот слуга Јов.
8Затоа, земете си со себе седум телиња и седум овни, па одете кај Мојот слуга Јов и принесете си за себе жртва; и Мојот слуга Јов ќе се помоли за вас, зашто само неговото лице ќе го примам, за да не ве отфрлам, поради тоа што не говоревте за Мене вистина, како слугата Мој Јов.“
9И отидоа Елифаз од Теман, Вилдад од Шуах и Софар од Ноема, и направија како што им заповеда Господ, а Господ го прими застапништвото Јовово.
10Му ја врати Господ на Јов загубата, кога тој се помоли за пријателите свои; и му даде Господ на Јов двојно повеќе од она што го имаше пред тоа.
11Тогаш дојдоа кај него сите негови браќа и сите негови сестри и сите негови поранешни познати, па јадеа со него леб во куќата негова и му изјавија сочувство, утешувајќи го за сето зло што Господ го беше допуштил врз него, и секој му даде по една кесита и по еден златен прстен.
12И ги благослови Бог последните денови на Јов повеќе од претходните: тој имаше четиринаесет илјади дребен добиток, шест илјади камили, илјада чифта волови и илјада магарици.
13Имаше и седум синови и три ќерки.
14Првата ја именува Јемима, втората — Кеција, а третата — Керенхапух.
15По целата земја немаше такви убави жени, како ќерките на Јов; татко им и ним им даде наследство меѓу браќата нивни.
16По ова, Јов живееше сто и четириесет години и доживеа да види синови и внуци до четвртото колено.
17Умре Јов стар и сит од животот.