1„И така, слушај ги Јове, зборовите мои и внимавај на сѐ што ќе ти кажам.
2Еве, ја отворам устата своја, јазикот ми говори под непцето мое.
3Зборовите мои се искрени од срцето мое, и устата моја ќе искаже чиста вистина.
4Духот Божји ме создал, и здивот на Седржителот ми дал живот.
5Ако можеш, одговори ми и застани спроти мене.
6Еве ме мене, според твојата желба, место Бога. И јас сум направен од кал;
7поради тоа стравот пред мене не може да те збуни, и раката моја нема да биде тешка за тебе.
8Ти зборуваше пред мене, и јас го чув гласот на твоите зборови:
9‚Чист сум, без порок, невин сум; во мене нема неправда;
10А Тој најде обвинение против мене и ме смета за Свој противник;
11нозете ми ги стави во окови, ги надгледува сите мои патишта.‘
12Ете, во тоа ти не си прав, ти одговарам; човекот со Бога не може да се мери.
13Зошто ти е да се бориш против Него? Тој не дава сметка за Своите дела.
14Бог говори еднаш на еден начин а потоа на друг, но луѓето не внимаваат:
15на сон, во ноќно видение, кога сонот ги соборува луѓето, во време, кога спијат на своето легло,
16тогаш Тој му го отвора на човекот увото и го запечатува Своето кажување,
17за да го одвлече човекот од лошо дело, и да ја отстрани гордоста од него,
18за да ја запази душата негова од бездна, и животот негов од пораз со меч.
19Или, пак, го вразумува со болест на постелата негова, и со лута болка во сите коски негови;
20така што животот негов да се гади од лебот, душата негова — од омилената храна.
21Месото негово исчезнува; коските негови, кои пред тоа не се гледале, се подаваат.
22Душата негова се приближува кон гробот, а животот негов — до смртта.
23Ако има кај него ангел, еден од илјада, за да му го покажува правиот пат, —
24Бог би се смилувал над него и би рекол: ‚Ослободи го од гробот; Јас најдов откуп.‘
25Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години.
26Ќе Му се моли на Бога, и Тој ќе биде милостив спрема него; со радост ќе го погледнува лицето негово и ќе му ја враќа праведноста негова.
27Тој ќе ги гледа луѓето и ќе вели: сум грешел и сум ја искривувал правдата, и не ми е вратено со зло;
28Тој ја ослободи душата моја од гроб; животот мој гледа светлина.
29Ете, сето тоа Бог му го прави два до трипати на човекот,
30за да ја изведе душата негова од бездната и да го просвети со светлината на живите.
31Внимавај, Јове, слушај ме, молчи, јас ќе зборувам.
32Ако имаш нешто да кажеш, одговарај; зборувај, зашто јас го посакувам твоето оправдување;
33ако, пак не, тогаш слушај ме: молчи и јас ќе те научам на мудрост.“