Jeremiah 9
1 О, кога некој би ми дал во пустината пребивалиште! Би го оставил мојот народ и би избегал од нив: зашто сите тие се прељубодејци, банда на престапници.
2 Како лак го запнуваат јазикот свој за лаги, со неправда се засилуваат на земјата; зашто минуваат од едно зло на друго и Мене не Ме познаваат, вели Господ.
3 Пазете се секој од пријателот свој, и не доверувајте се никому од браќата свои; зашто секој брат му става сопка на другиот, и секој пријател разнесува клевета.
4 Секој го лаже пријателот свој, и вистина не говорат: го научија јазикот свој да говори лага, се трудат да прават зло.
5 Насилство врз насилство, измама врз измама! Не сакаат да Ме познаат, вели Господ.
6 Затоа вака вели Господ Саваот: ете, ќе ги растопам и ќе ги испитам; зашто, како инаку да постапам со ќерката на Мојот народ?
7 Јазикот нивни — стрела смртоносна, говори подмолно; со устата кон ближниот зборуваат пријателски, а во срцето свое му кројат примки.
8 Зар нема да ги казнам, вели Господ? Нема ли да се одмазди душата Моја на таков народ, како овој?
9 На горите ќе кренам плач и пискот, и по пасиштата во степите — ридание, зашто тие се изгорени, така што преку нив никој не минува, ниту се слуша блеење на стада: и птиците небески и добитокот — сѐ се распрснало и избегало.
10 И ќе го претворам Ерусалим во купишта камења, живеалиште на змии, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустина без жители.
11 Има ли таков мудрец, што ќе го разбере ова? На кого му говорела устата Господова, па да објасни, зошто загина земјата и изгоре како пустина, така што никој не минува низ неа?
12 И рече Господ — поради тоа што го оставија Мојот закон, што го бев определил за нив, не го слушаа гласот Мој и не постапија според него,
13 туку одеа според тврдокорноста на срцето свое и по Вааловци, како што ги научија татковците нивни.
14 Заради тоа вака вели Господ Саваот, Израеловиот Бог: еве, ќе ги нахранам тие луѓе со пелин, ќе ги напојам со затруена вода.
15 И ќе ги растурам меѓу народи, што не ги познаваа ни тие ни татковците нивни и ќе испратам по нив меч, сѐ додека не ги истреби.
16 Така вели Господ Саваот: побарајте и повикајте да дојдат тажачки; испратете да дојдат вешти жени за таа работа.
17 Нека побрзаат и да заплачат заради нас, та од очите наши да се лејат солзи и од клепките наши вода да тече.
18 Затоа што глас од плач се слуша откај Сион: „Како нѐ ограбија, лошо сме посрамени; принудени сме да ја оставиме земјата, зашто нашите куќи ни ги разурнаа.“
19 Па така, слушајте го, жени, словото од Господ и да внимава увото ваше на словото од устата Негова; и учете ги ќерките свои на плач, и една со друга — на тажни песни:
20 „Смртта влегува преку прозорците наши, се впушта во куќите наши, за да ги истреби децата од улиците и младината од плоштадите.“
21 Кажи им, вака вели Господ: ќе бидат фрлени труповите на луѓето како ѓубре во поле и како снопја зад жетвари, и не ќе има кој да ги собере.
22 Така вели Господ: мудриот да не се фали со мудроста своја, силниот да не се фали со силата своја, богатиот да не се фали со богатството свое.
23 А кој се фали, нека се фали со тоа дека Ме разбира Мене и дека знае дека Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; зашто само овие работи Ми се угодни, вели Господ.
24 Ете идат денови, вели Господ, кога ќе ги казнам сите кои се само надворешно обрезани:
25 Египет и Јудеја, Едом и синовите Амонови, Моав и сите кои се стрижат од страна, што живеат во пустината; зашто сите тие народи се необрезани, а и сиот дом Израелов има срце необрезано.