Jeremiah 52
1 Седекија беше на дваесет и една година, кога почна да царува, и царуваше во Ерусалим единаесет години; името на неговата мајка беше Хамутал, ќерка на Еремија од Ливна.
2 И тој вршеше зло пред очите на Господ, сето она што го правеше и Јоаким;
3 поради тоа гневот Господов се нафрли врз Ерусалим и врз Јуда, додека ги отфрли од лицето Свое. А Седекија се одметна од вавилонскиот цар.
4 И во деветтата година од царувањето негово, во десеттиот месец, во десеттиот ден од месецот, дојде Навуходоносор, вавилонскиот цар, тој и сета негова војска против Ерусалим, го опседна и подигна околу него насипи.
5 И остана градот опсаден до единаесеттата година на царот Седекија.
6 Во четвртиот месец, во деветтиот ден од месецот, се засили гладот во градот, и народот во земјата немаше леб.
7 Непријателот продре во градот и сите војници избегаа од градот ноќе низ портите, што се наоѓаа меѓу двата ѕида до царската градина, па отидоа по патот кон долината на Јордан; а Халдејците беа околу градот.
8 Но халдејската војска изврши потера по царот, и го стигна Седекија во ерихонските рамнини, и сета војска негова се разбега од него.
9 И го фатија царот и го доведоа пред вавилонскиот цар во Ривла, во земјата Хамат, каде што му беше судено.
10 И така ги закла вавилонскиот цар синовите на Седекија пред очите негови, ги закла и сите кнезови јудејски во Ривла;
11 а на Седекија му ги извади очите и заповеда да го оковат во окови; па го одведе вавилонскиот цар во Вавилон и го стави во затвор до денот на неговата смрт.
12 Во петтиот месец, во десеттиот ден од месецот, тоа беше деветнаесеттата година на вавилонскиот цар Навуходоносор, дојде во Ерусалим Навузардан, началникот на телохранителите, кој му служеше на царот вавилонски,
13 и го запали домот Господов, царскиот дом и сите куќи во Ерусалим, и сите големи куќи со оган ги изгори.
14 И сета војска халдејска, која беше со началникот на телохранителите, ги урна сите ѕидови околу Ерусалим.
15 Навузардан, началникот на телохранителите, ги исели бедните и другиот народ, што беше останал во градот, и одметниците, што му се предадоа на вавилонскиот цар, и воопшто сиот прост народ.
16 Само неколкумина од бедните во земјата, Навузардан, началникот на телохранителите, ги остави како лозари и земјоделци.
17 Халдејците ги испокршија и бронзените столбови, што беа во домот Господов, и подножјата, и бронзеното море, кое беше во домот Господов, па го однесоа сиот бронзен прибор во Вавилон.
18 И ги зедоа котлите, лопатките, ножевите, чашите, лажиците и сите бронзени садови што се употребуваа при богослужбата;
19 началникот на телохранителите ги зеде и умивалниците, и машичките, и чашите, и котлињата, и кандилцата, и секачите, сѐ што беше од злато и што беше од сребро;
20 исто така, и двата столба, едно море, дванаесет бронзени волови кои служеа како подножја, што царот Соломон ги направи во домот Господов; бронзата на сите тие предмети не можеше да се процени.
21 Секој од тие столбови беше висок по осумнаесет лакти, а врв од дванаесет лакти ги опкружуваше, одвнатре беше шуплив, а страните му беа дебели четири прсти.
22 И имаше над него бронзена глава, а главата беше висока пет лакти; и мрежичката и наровите наоколу беа сите од бронза; исто така и другиот столб беше со нарови.
23 Наровите од сите страни беа деведесет и шест; а сите нарови околу мрежичката — сто.
24 Началникот на телохранителите го зеде исто така Сераја, првосвештеникот, и Софонија, вториот свештеник, и трите чувари на прагот.
25 А од градот зеде еден дворјанин, кој беше началник над војниците, и седум мажи, кои му служеа на царот, кои се наоѓаа во градот, и главниот писар во војската, кој го запишуваше народот од земјата за војска, како и шеесет мажи, од народот во земјата, кои се најдоа во градот.
26 И ги зеде Навузардан, началникот на телохранителите, и ги одведе кај вавилонскиот цар во Ривла.
27 И ги уби вавилонскиот цар и ги погуби во Ривла, во земјата Хамат; и така Јуда беше иселен од својата земја.
28 Еве го народот, кој Навуходоносор го исели: во седмата година — три илјади дваесет и тројца Јудејци.
29 Во осумнаесеттата година на Навуходоносор од Ерусалим беа иселени осумстотини триесет и две души.
30 Во дваесет и третата година на Навуходоносор, Навузардан, началникот на телохранителите, исели седумстотини четириесет и пет души Јудејци; сѐ на сѐ — четири илјади и шестотини души.
31 Во триесет и седмата година по прогонството на јудејскиот цар Јоаким, во дванаесеттиот месец, во дваесет и петтиот ден од месецот, Евил-Меродах, цар вавилонски, во првата година од своето царување, го помилува јудејскиот цар Јоаким и го изведе од затвор.
32 И откако пријателски си поразговараа, го постави престолот негов повисоко од престолите на другите цареви, што беа кај него во Вавилон;
33 и му ги смени затворските облеки, па тој секогаш со него јадеше во сите дни од животот свој.
34 И трошоците негови, разните потреби, му се даваа од царот секој ден до денот на неговата смрт, во текот на сите денови од неговиот живот.