Jeremiah 37
1 Наместо Конија, синот Јоакимов, царуваше Седекија, синот Јошиев, кого вавилонскиот цар Навуходоносор го постави за цар во јудејската земја.
2 Ни тој, ни слугите негови, ниту, пак, народот од земјата не ги послушаа зборовите на Господ, кои Тој им ги кажа преку пророкот Еремија.
3 Царот Седекија ги испрати Јехухал, синот Шелемиев, и свештеникот Софонија, син Маасеев, кај пророкот Еремија да кажат: „Помоли се за нас на нашиот Господ Бог.“
4 Еремија тогаш сѐ уште слободно влегуваше и излегуваше пред народот, бидејќи уште не беа го затвориле во темница.
5 Во меѓувреме фараоновата војска излезе од Египет, и Халдејците кои го опседнуваа Ерусалим, штом разбраа за тоа, отидоа од Ерусалим.
6 И дојде слово Господово до пророкот Еремија:
7 вака вели Господ, Бог Израелов — кажете му на јудејскиот цар, кој ве испрати до мене да ме прашате: еве, војската на фараонот, што ви дојде на помош, ќе се врати во земјата своја, во Египет;
8 а Халдејците пак ќе дојдат и ќе се борат против овој град, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган.
9 Така вели Господ — не лажете се, велејќи си во себе: „Бездруго ќе си отидат Халдејците од нас“, зашто нема да си отидат;
10 дури и да бевте ја разбиле сета војска на Халдејците, кои војуваат против вас, и да останеа кај вас само ранетите, тогаш и тие би станале, секој од шаторот свој и би го изгореле овој град со оган.
11 И во тоа време, кога халдејската војска се оддалечи од Ерусалим, поради фараоновата војска,
12 Еремија тргна од Ерусалим, па дојде во земјата на Венијамин, сокривајќи се од народот.
13 А кога беше пред портата Венијаминова, тамошниот управител на стражата, по име Ирија, син Шелемиев, син Хананиев, го задржа пророкот Еремија и рече: „Ти сакаш да побегнеш кај Халдејците, зар не?“
14 Еремија одговори — „Лага е тоа; не сакам да бегам кај Халдејците.“ Но Ирија не го послуша, го фати Еремија и го одведе кај кнезовите.
15 Кнезовите се разгневија на Еремија, го тепаа и го затворија во темница, во куќата на писарот Јонатан, бидејќи ја беа направиле затвор.
16 Еремија влезе во темницата и во визбата и таму остана долго време.
17 Царот Седекија испрати по него и го доведоа. И го праша царот во својот дом тајно, велејќи: „Нема ли слово од Господ?“ Еремија одговори: „Има“, и додаде: „Ќе бидеш предаден во рацете на вавилонскиот цар.“
18 Тогаш Еремија му рече на царот Седекија: „Што згрешив пред тебе, пред слугите твои и пред овој народ, па ме фрливте во темница?
19 И каде се вашите пророци, кои ви пророкуваа, кажувајќи: ‚Вавилонскиот цар нема да дојде против вас и против оваа земја?‘
20 А сега, чуј, господаре мој, царе, слушни ја молбава моја пред лицето твое; не враќај ме во куќата на писарот Јонатан, за да не умрам таму.“
21 Тогаш царот Седекија заповеда да го затворат Еремија во стражарницата, и таму му даваа по едно парче леб на ден од улицата на лебарите, сѐ додека не се заврши сиот леб во градот. И така остана Еремија во стражарницата.