Jeremiah 312006

1Во тоа време, вели Господ, Јас ќе им бидам Бог на сите племиња израелски, а тие ќе бидат Мој народ.

2Така вели Господ: народот, што се спасил од меч, најде милост во пустината; одам да го успокојам Израел.

3Оддалеку ми се јави Господ и ми рече: со вечна љубов те засакав и затоа останав милостив кон тебе.

4Јас пак ќе те кренам, и ти ќе бидеш обновена, девојко Израелова, па ќе ги земеш тимпаните свои и ќе излезеш на собор со оние што играат;

5пак ќе садиш лозници по самарјанските височини; лозарите, што ќе ги садат, сами и ќе се користат од нив.

6Зашто ќе дојде ден, кога стражата на Планината Ефремова ќе извика: „Станувајте да се искачиме на Сион при нашиот Господ Бог.“

7Бидејќи така вели Господ: пејте со радост за Јаков и воскликнувајте пред главата на народите; разгласувајте, славете и кажувајте: го избави Господ твојот народ, остатокот од Израел!

8Еве, Јас ќе ги доведам од северната земја и ќе ги соберам од земните краи­шта, и слеп и хром, и бремена и родилка, заедно со нив — големо множество ќе се врати овде.

9Тие отидоа со солзи, Јас, пак, ќе ги вратам со утеха; ќе ги поведам покрај потоци со води, по рамен пат, по кој не­ма да се сопнуваат; бидејќи Јас сум Отец на Израел, и Ефрем е Мојот првороден.

10Чујте го, народи, словото Госпо­дово и разгласете го по островите да­лечни и кажете: Оној што го расеа Израел, Тој и ќе го собере и ќе го пази како што го прави тоа пастирот со своето стадо;

11зашто Господ ќе го откупи Јаков и ќе го избави од рацете на оној, кој беше посилен од него.

12И тие ќе дојдат и ќе се радуваат на сионските височини, и ќе се стрчаат кон добрата Господови, кон пченицата, ви­ното и маслото, кон јагнињата и воло­вите; и душата нивна ќе им биде како градина напоена со вода, и веќе нема да се измачуваат.

13Тогаш девојката ќе се радува на оро, а и младите и старите заедно; и тагата нивна ќе се претвори во радост, ќе ги утешам и ќе ги зарадувам по нивната болка.

14И ќе ја нахранам душата на свеш­тениците со мрснотија, и Мојот народ ќе се насити со Моите добра, вели Гос­под.

15Така вели Господ: глас се слуша во Рама, пискот и горко плачење: Рахила плаче за децата свои и не сака да се утеши за нив, зашто ги нема.

16Така вели Господ: задржете го гласот свој од плачење и очите свои — од солзи, зашто за трудот твој има награда, вели Господ, и тие ќе се вратат од непријателската земја.

17И надеж има за твојата иднина, вели Господ, и твоите синови ќе се вра­тат во пределите свои.

18Го слушам Ефрем како плаче: „Ти ме казни, и јас сум казнет како не­скротен јунец; обрати ме — и ќе се обра­там, зашто Ти си мој Господ Бог.

19Зашто бев заблуден, но се покајав; откако се обратив, се удирав по бедрата; станав посрамен, станав смутен, зашто го носев срамот од младоста своја.“

20Зар Ефрем не е Мојот драг син, не е ли тој дете сакано? Зашто, штом ќе почнам да зборувам за него, секогаш се сеќавам со љубов за него; срцето Мое се радува за него; ќе се смилувам над него, вели Господ.

21Постави си знаци по патиштата, постави си купишта камења, запомни го патот, по кој си врвела; враќај се, девој­ко Израелова, враќај се во тие твои градови.

22Уште ли ќе скиташ, ќерко отстапничке? Зашто Господ ќе направи нешто ново на земјата: жената ќе го заобиколи мажот.

23Така вели Господ Саваот, Бог Из­раелов: во иднината, кога ќе ги вратам робовите нивни, тие по земјата на Јуда и во неговите градови ќе го кажуваат овој збор: „Господ нека те благослови, живеалиште на правдата, света горо!“

24И ќе се насели во неа Јуда и сите негови градови заедно, земјоделците и оние што пасат стада.

25Бидејќи Јас ќе ја напојам изморената душа и ќе ја наситам секоја малаксана душа.

26Потоа се разбудив и погледнав, и сонот ми беше пријатен.

27Ете, идат дни, вели Господ, кога ќе посеам во домот Израелов и во домот на Јуда семе човечко и семе од добиток.

28И како што бдеев над нив, кога ги искоренував и ги уништував, кога ги разрушував, погубував и повредував, така ќе бдеам над нив, кога ќе ги издигнувам и насадувам, вели Господ.

29И тогаш, нема да велат веќе: „Тат­ковците јадеа кисело грозје, а забите на децата нивни им фаќаат скомина.“

30Но, секој умира поради своето сопствено беззаконие; кој ќе јаде кисело грозје, нему забите ќе му фаќаат ско­мина.

31Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израелов и со до­мот на Јуда нов завет.

32Не онаков завет, каков што склучив со предците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од еги­петската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ.

33Но еве го заветот, што ќе го склу­чам со домот Израелов по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон внатре во нив, и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.

34И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: „Познајте Го Господа“, зашто сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам.

35Така вели Господ, Кој го даде сонцето да свети дење, и им даде наредба на месечината и на ѕвездите да светат ноќе, кој Го бранува морето, кога брановите негови бучат; Господ Саваот е името Негово.

36Ако тие наредби престанат да ги применуваат пред Мене, вели Господ, тогаш и племето Израелово ќе пре­стане да биде народ пред Мене засекогаш.

37Така вели Господ: ако може да се измери небото угоре и основите на земјата да се испитаат удолу, тогаш и Јас ќе го отфрлам сето племе израелско, за сѐ она што го правеа, вели Господ.

38Еве, доаѓаат дни, вели Господ, кога градот ќе биде обновен за слава на Гос­под, од кулата на Хананел до Аголната Порта,

39и мерката на земјата од ридот ќе отиде уште погоре, токму до ридот Га­рев и ќе свие кон Гоа.

40И целата долина на труповите и на пепелта, и целото поле до потокот Кед­рон, до аголот на Коњската Порта спрема исток, ќе биде светиња Госпо­дова; нема да се искоренува и нема да се разрушува довека.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Jeremiah 31.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.