Jeremiah 13
1 Вака ми рече Господ: „Оди и купи си ленен појас и опаши се со него, но не клавај го во вода.“
2 Јас си купив појас, како што рече Господ, и го препашав крстот свој.
3 И беше упатено слово Господово до мене по вторпат, и ми беше речено —
4 „Земи го појасот, што го купи, и кој ти е на крстот твој, па стани и оди до потокот Перат и сокриј го таму во некоја камена пукнатина.“
5 Јас отидов и го сокрив кај Перат, како што ми заповеда Господ.
6 А штом изминаа повеќе дни, Господ ми рече — „Стани, оди кај Перат и земи го оттаму појасот, за кој ти бев заповедал да го сокриеш таму.“
7 И јас отидов до Перат, ископав и го зедов појасот од местото, каде што го бев сокрил, а тоа — појасот беше изгнил и станал веќе неупотреблив.
8 И беше упатено слово Господово до мене:
9 „Вака вели Господ: ќе ја скршам гордоста на Јуда, и големата гордост на Ерусалим.
10 Тој лош народ, кој не сака да ги слуша зборовите Мои, живее според тврдокорното срце свое и оди по други богови, за да им служи и да им се поклонува, па ќе биде како овој појас, кој не чини за ништо.
11 Зашто, како што појасот се прилепува до крстот на човекот, така и Јас го прилепив до Себе сиот Израел и сиот Јудин дом, вели Господ, за да бидат Мој народ и Моја слава, похвала и украс, но тие не послушаа.“
12 Затоа, кажи им го овој збор: „Вака вели Господ, Бог Израелов — секој мев за вино се полни со вино. Тие ќе ти речат: зар ние не знаеме дека секој мев за вино се полни со вино?
13 А ти кажи им: еве што вели Господ — Јас ќе ги наситам со вино до опивање сите жители на таа земја, и царевите, кои седат на Давидовиот престол, и свештениците, и пророците и сите ерусалимски жители,
14 и ќе ги судрам еден со друг, татковците со синовите заедно, вели Господ; нема да ги поштедам, нема да ги помилувам, нема да зажалам што ќе ги истребам.“
15 Слушајте и внимавајте; немојте да бидете горди, зашто Господ зборува.
16 Подајте Му слава на Господ, вашиот Бог, додека Тој сѐ уште не испратил темнина и додека сѐ уште нозете ваши не се сопнуваат по темни гори; тогаш ќе очекувате светлина, а Тој ќе ја претвори во смртна сенка и ќе ја направи темнина.
17 Ако, пак, не го послушате тоа, душата моја скришно ќе плаче поради вашата гордост, ќе плаче горко, и очите мои солзи ќе леат; бидејќи стадото Господово ќе биде во плен одведено.
18 Кажи им на царот и на царицата: „Понизете се, седнете пониско, зашто ќе паднат од главите ваши венците на вашата слава.“
19 Јужните градови се затворени и нема кој да ги отвори; цел Јуда во ропство се одведува заедно со сиот плен.
20 Кренете ги очите и погледајте ги оние што идат од север: каде е стадото, што ти беше дадено, убавото стадо твое?
21 Што ќе речеш, ќерко Сионова, кога ќе те посети Тој? Ти сама ги научи да господарат над тебе: нема ли да те стегнат болки како жена кога раѓа?
22 Ако речеш во срцето свое: „Зошто ме снајде ова?“ — па, поради многуте твои беззаконија, скутовите ти се разголија и насилство над тебе извршија.
23 Може ли Етиопјанец да ја смени кожата своја и леопардот — дамките свои? Па така и вие, можете ли да правите добро, кога сте свикнати да вршите зло?
24 Затоа ќе ги развеам како прав, ќе ги разнесам со пустински ветар.
25 Ете ја твојата ждрепка, делот што сум ти го одмерил, вели Господ, бидејќи ти Ме заборави и се потпираше на лагата.
26 Затоа, Јас самиот ќе те разголам, за да се види срамотијата твоја.
27 Го видов твоето прељубодејство и твоите бесни похоти и гнасотии по височинките и по полињата; тешко тебе, Ерусалиме; зар нема да се очистиш? И до кога тоа ќе биде така?