Jeremiah 11
1 Слово Господово до Еремија:
2 Чујте ги зборовите на овој завет и кажете им на луѓето од Јудеја и на ерусалимските жители;
3 и речи им: вака вели Господ, Бог Израелов — проклет да е оној човек кој нема да ги послуша зборовите на овој завет,
4 што им ги заповедав Јас на предците ваши, кога ги изведов од египетската земја, од железната печка, велејќи: чујте го гласот Мој и правете што ќе ви заповедам — па ќе бидете Мој народ, и Јас ќе бидам ваш Бог,
5 за да се исполни клетвата, со која им се заколнав на предците ваши — да им дадам земја, каде што тече мед и млеко, како што е сега. Па одговорив и реков: така нека биде, Господи!
6 И ми рече Господ: објави ги сите овие зборови по градовите на Јуда и по ерусалимските улици, и речи: слушајте ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги.
7 Зашто Јас постојано им напомнував на предците ваши од оној ден, кога ги изведов од египетската земја, па сѐ до денес; и им зборував од рано утро, велејќи: слушајте го гласот Мој.
8 Но тие не слушаа и не внимаваа, туку одеа секој според тврдокорноста на своето лошо срце; затоа испратив врз нив сѐ што е речено во овој завет, кој им го заповедав да го исполнуваат, но тие не го исполнуваа.
9 И ми рече Господ: има бунт меѓу луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим;
10 тие се вратија кон беззаконијата на своите прадедовци, кои се откажаа да ги слушаат зборовите Мои, па тргнаа по туѓи богови, за да им служат. Домот на Јуда и домот на Израел го нарушија Мојот завет, што го бев склучил со татковците нивни.
11 Затоа вака вели Господ: еве, ќе испратам врз нив зло, од кое не ќе можат да се избават, и кога ќе повикаат кон Мене, нема да ги чујам.
12 Тогаш градовите на Јуда и жителите на Ерусалим ќе појдат и ќе повикаат кон боговите, на кои им кадат; но тие нема да им помогнат во времето на неволјата.
13 Зашто, колку градови имаш, Јудо, толку имаш и богови, и колку улици има во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте на она што е срамно, жртвеници за кадење на Ваал.
14 Но ти немој да молиш за тој народ и не упатувај за нив молитви и молби; бидејќи нема да ги чујам, кога во неволјата своја ќе повикаат кон Мене.
15 Што бара Мојата сакана во домот Мој, кога извршува многу срамни работи? Зар жртвуваното месо ќе ти помогне? Зар со тоа ќе се фалиш?
16 Зелена маслина те нарече Господ, која се украсува со убави плодови. А сега, при шумот на големиот смут, Тој запали оган околу неа и гранките нејзини изгореа.
17 Господ Саваот, Кој те посади, пресуди за тебе зло поради злото на домот Израелов и на домот Јудин, што го направија со тоа што Ме разгневија со кадењето свое на Ваал.
18 Господ ми откри, и јас знам; ти ми ги покажа нивните зли дела.
19 Јас, пак, како кротко јагне, водено на клање, и не знаев дека тие смислуваат заговор против мене, велејќи: „Да го уништиме дрвото сосе плодот, и да го истргнеме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува.“
20 Но Ти, Господи Саваоте, праведен Судијо, Кој ги испитуваш срцата и утробите, допушти да ја видам Твојата одмазда врз нив, бидејќи Тебе ти го доверив своето дело!
21 Затоа така вели Господ, за луѓето од Анатот, кои сакаат да ја одземат душата твоја и кои велат: не пророкувај во името на Господ, за да не умреш од рацете наши;
22 поради тоа вака вели Господ Саваот: еве, Јас ќе ги посетам; младите нивни ќе умрат од меч; синовите и ќерките нивни ќе умрат од глад.
23 И нема ништо да остане од нив, зашто ќе испратам зло врз анатотците во годината, кога ќе ги посетам.