1Јаков, слуга на Бога и на Господ Исус Христос, испраќа поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени.
2Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија,
3знаејќи дека проверката на вашата вера создава трпеливост:
4трпеливоста, пак, нека биде совршено дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.
5Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање — и ќе му се даде.
6Но да моли со вера и никако да не се сомнева; зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, кого ветрот го издига и растура;
7таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ.
8Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.
9Братот, кој е на пониска положба, нека се фали со возвишеноста своја,
10а богатиот — со својата понизност, бидејќи тоа е минливо како цвет од трева;
11зашто како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат.
12Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат.
13Ниеден, кога е во искушение да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува,
14но секого го искушува неговата похота која го влече и мами.
15Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт.
16Не мамете се, браќа мои возљубени.
17Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена.
18Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да бидеме првина меѓу Неговите созданија.
19И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев,
20бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда.
21Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души.
22Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе.
23Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало;
24ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил.
25Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи не е заборавлив слушател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување.
26Ако некој од вас мисли дека е побожен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата побожност е суетна.
27Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот.