Isaiah 512006

1Послушајте Ме вие, што копнеете за правда, вие кои Го бара­те Господа! Погледајте ја карпата, од која сте исечени, и длабочината на јамата, од која сте извлечени.

2Погледајте го Авраам, вашиот тат­ко, и Сара, која ве родила; зашто Јас го повикав него кога беше сам, го благо­словив и го умножив.

3Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи пустините негови како рај и степите негови — како градина Господо­ва; радост и веселба ќе има во него, славопои и пеење на песни.

4Послушајте Ме, народе Мој и племе Мое, приклонете го увото кон Мене! Зашто од Мене ќе излезе закон и Моја­та правда ќе ја поставам за светлина на народите.

5Мојата правда брзо ќе стигне; Моето спасение изгрева и Мојата рака ќе ги суди народите; островите ќе се надеваат на Мене и ќе се надеваат на силата Моја.

6Кренете ги очите кон небото и по­гледајте на земјата долу: зашто небото ќе исчезне како дим, и земјата ќе из­ветви како облека, а жителите нејзини исто така ќе изумрат; а Моето спасение е вечно, правдата Моја нема да прес­тане.

7Послушајте Ме, вие, кои ја познавате правдата, народе, Кој во срцето свое го имаш Мојот закон! Не плашете се од прекорување на луѓето, ниту стравувајте од нивните навреди.

8Зашто молец ќе ги изеде како облека и црв ќе ги изеде како волна; а Мо­јата правда ќе трае засекогаш, и Моето спасение — од род во род.

9Крени се, крени, облечи се во сила, рако Господова! Дигни се, како во древ­ните дни, во дамнешните родови! Зар не го уништи ти Рахав, зар не го порази змејот?

10Не го исуши ли морето, водите и големата бездна, не ги претвори ли морските длабочини во пат, за да поминат искупените?

11Ќе се вратат избавените од Господ, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над главата нивна; тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат.

12Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е како трева?

13Го забораваш Господа, својот Тво­рец, кој го прострел небото и ја основал земјата; и непрестајно, секој ден се пла­шиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби. Но каде е сега јароста на угнетувачот?

14Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе му недостига леб.

15Јас сум Господ твој, Кој го бранува морето, та брановите негови бучат — Јахве Саваот е името Негово.

16И Јас ги ставив Моите слова во ус­тата твоја, и со сенката на раката Своја те покрив кога го простирав небото и ја утврдував земјата и му реков на Сион: „Ти си Мој народ.“

17Разбуди се, разбуди се, стани, Еру­салиме, ти, кој од раката на Господ ја испи чашата на јароста Негова, до дно­то си ја испил и исушил чашата што опива.

18Меѓу сите синови, од него родени, нема кој да го води, и меѓу сите синови, од него одгледани, нема кој за рака да го придржи.

19Тебе те снајдоа две неволји, кој ќе те пожали? — Опустошување и истребување, глад и меч: кој ќе те утеши?

20Синовите твои изнемоштеа, лежат по аглите на сите улици, како срна во стапица, исполнети со гнев Господов, со заплашување од твојот Бог.

21И така, ислушај го ова ти, кој си страдалник и пијан, но не од вино.

22Вака вели Господ твој, Господ и Бог твој, Кој го брани Својот народ: „Ете, ја земам од раката твоја чашата што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш.

23Ќе ја дадам во раката на твоите мачители, кои ти велеа: ‚Падни ничкум, за да минам по тебе‘; и ти го подметнуваше грбот свој како земја и како улица за минувачите.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for Isaiah 51.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.