1Вака вели Господ: „Каде ѝ е писмото за развод на вашата мајка, со која ја отпуштив? Или на кого од моите заемодавачи ве продадов? Ете, вие сте продадени заради гревовите свои, и заради вашите престапи мајка ви е отпуштена.
2Зошто кога дојдов, немаше никого? И кога повикав, никој не се одѕва? Зар раката Моја се скратила, та не може да избавува или во Мене нема сила да спасувам? Ете, со заканувањето Свое море пресушувам, претворам реки во пустина; рибите во нив гнијат поради недостиг на вода и умираат од жед.
3Јас ги облекувам небесата во мрак и вреќиште им правам за покривка.“
4Господ Бог ми даде вешт јазик, за да можам со зборови да го поткрепувам изнемоштениот: секое утро Тој го разбудува увото мое, за да слушам како оние што се учат.
5Господ Бог ми го отвори увото, и јас не се противставив, не отстапив назад.
6Грбот свој го подметнав на оние што ме биеја, и образите свои — на оние што ме удираа; лицето свое не го скрив од подбив и плукање.
7И Господ Бог ми помага: затоа не се срамувам, затоа го држам лицето свое како кремен, и знам дека нема да останам посрамен.
8Близу е Оној, Кој ме оправдува: кој сака да се натпреварува со мене? Да застанеме заедно. Кој сака да се суди со мене? Нека пристапи кон мене.
9Ете, Господ Бог ми помага: Кој ќе ме осуди? Ете, сите тие како облека ќе изветвеат; молец ќе ги изгризе.
10Кој од вас се плаши од Господ, нека го слуша гласот на Неговиот слуга! Кој оди во мрак, без светлина, да се надева на името Господово и да се потпира врз својот Бог.
11Ете, сите вие што палите оган, кои сте вооружени со запалени стрели — одите во пламенот на вашиот оган и на стрелите, што сте ги вжештиле! Тоа ќе ви биде од мојата рака: во маки ќе умрете.