1Ќе Му ја запеам на мојот Возљубен Неговата песна за лозјето Негово. Мојот Возљубен имаше лозје на врвот од плодороден рид;
2Тој го огради и го исчисти од камења, насади во него избор од лозови прачки, изгради кула во средината негова, направи големи каци; очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје.
3Па сега, жители ерусалимски и мажи Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.
4Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив? Зошто, кога очекував принос од добро грозје, тоа даде диво грозје?
5Сега ќе ви кажам што ќе направам со лозјето Свое: ќе ја иставам оградата, и тоа ќе биде опустошено; ќе му ги разрушам ѕидиштата, и ќе биде газено:
6ќе го оставам да запусти: нема ни да го кројат, ни да го копаат — ќе обрасне во трње и боцки, ќе им заповедам на облаците да не истураат дожд врз него.
7Лозјето на Господ Саваот е домот Израелов, а луѓето на Јуда — Негова љубена градина. И чека Тој правосудие, но ете — крвопролевање; чека правда, а ете — пискот.
8Тешко ви вам, кои прилепувате куќа кон куќа, кои присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата!
9Во ушите мои — Господ Саваот рече: — тие многубројни домови ќе бидат пусти, тие големи и убави куќи ќе бидат без жители;
10десет ари лозје ќе дадат едно буре, а еден гомер посеано семе, одвај ќе донесе една ефа.
11Тешко им на оние, кои од рано утро бараат жесток пијалак и до доцна вечер се згорештуваат со вино;
12на нивните гоштавки има и харфа и лира, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господ тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на Неговите раце.
13Затоа Мојот народ ненадејно ќе отиде во ропство; неговите големци ќе гладуваат, богаташите негови ќе се мачат од жед.
14Затоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богатство, вревата нивна и сѐ што ги весели.
15Смртникот ќе се свитка, човекот ќе се понижи и гордите луѓе очи ќе наведнат;
16а Господ Саваот ќе се возвеличи во суд, светиот Бог ќе ја соопшти светоста Своја во правда.
17И овците ќе си пасат како на пасишта, и туѓинци ќе се хранат со оставените плодни пасишта на богатите.
18Тешко им на оние, кои влечат по себе беззаконие со јажиња на суетност и грев — како со колски ремења;
19кои велат: „Нека побрза Тој и нека го забрза делото Свое, за да видиме; нека се приближи и нека се исполни решението на Светецот Израелов, за да дознаеме!“
20Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто — зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината — за темнина, горчливото — за слатко, а слаткото — за горчливо!
21Тешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси!
22Тешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и силни да приготвуваат жесток пијалак,
23кои за подароци го оправдуваат виновниот, а ги лишуваат праведните од законитото!
24Затоа, како што огнот ја јаде сламата, и пламенот го голта сеното, така ќе загине коренот нивни, цветот нивни ќе се разнесе како прав; зашто тие го отфрлија законот на Господ Саваот и го презреа словото на Светецот Израелов.
25Затоа гневот на Господ ќе се разгори против Неговиот народ, ќе ја протегне раката Своја против него и ќе го порази, така што планините ќе затреперат и труповите нивни ќе бидат како ѓубре по улиците. А при сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова уште ќе биде протегната.
26И ќе крене знаме за далечни народи и ќе им даде знак на оние што живеат на крајот од земјата, и ете, тие лесно и брзо ќе дојдат;
27кај нив нема да има ни умрен, ни премален; ниеден нема да задреме и нема да заспие; нема да се отпаше појасот од половината негова и нема да се одврзе ремен од чевлите негови;
28стрелите им се изострени, сите лакови — им се затегнати; копитата на коњите нивни се како кремења, а бојните коли нивни — како виор;
29рикањето нивно е како рикањето на лавица; тие рикаат како лавчиња; ќе го зграпчат пленот и ќе го однесат и никој нема да им го одземе.
30Во оној ден ќе зарика против него како бучава на разбеснето море; ќе погледне Тој на земјата, и ете, темнина и жалост, а светлината потемнела во облаците.