1Блиску е времето негово, нема да задоцнат дните негови; зашто Господ ќе го помилува Јаков и пак ќе го засака Израел; ќе ги насели во земјата нивна, ќе се присоединат кон нив туѓинци и ќе се прилепат кон домот Јаковов.
2Ќе ги земат народите и ќе ги одведат на местото нивно; домот Израелов ќе ги присвои на земјата Господова како робови и робинки, ќе ги земе во плен своите пленители и ќе владее над своите угнетувачи.
3Во оној ден, кога Господ те оттргна од скрбта твоја, од стравот и од тешкото ропство, под кое беше заробен,
4ти ќе запееш победничка песна против вавилонскиот цар и ќе речеш: како исчезна мачителот и прекина тиранијата!
5Господ го скрши жезолот на нечесните, скиптарот на владетелите,
6кој јаросно ги поразуваше народите со бескрајни удари, гневно владееше над племињата свои со незадржливо прогонување.
7Целата земја здивна, почива, воскликнува од радост;
8и кипарисите се радуваат за тебе и кедрите леванонски, велејќи: откако падна ти, никој не доаѓа да нѐ сече.
9Подземјето одоздола се раздвижи заради тебе, за да те пречека при твоето влегување; со тебе се разбудија сите водачи на земјата, изместувајќи ги сите цареви незнабожечки од престолите нивни.
10Сите тие ќе ти говорат: и ти стана бессилен како нас! И ти стана сличен на нас.
11Гордоста ти е симната во пеколот, со сиот твој шум; под тебе има гнилеж за постилка, а црви се твојата покривка.
12Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите.
13А во срцето свое си велеше: „Ќе се искачам на небото, ќе го издигнам престолот свој погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот;
14ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам рамен на Севишниот.“
15Но ти си соборен во пеколот, во дното на јамата.
16Оние што ќе те видат, ќе се загледаат во тебе, ќе си речат за тебе: тоа ли е човекот, кој земјата ја разнишуваше и царства потресуваше,
17вселената во пустина ја претвори и ги разрушуваше градовите нејзини, робовите не ги пушташе по домовите нивни?
18Сите царства на народите, сите почиваат со чест, секој во својата гробница;
19а ти си фрлен надвор од гробот како отпадок, покриен со убиени, погубени со меч, што ги спуштаат во камени гробници, — како изгазен труп,
20нема да се соединиш со нив во гробот; зашто ти ја разори земјата своја, го уби народот свој: племето на злодејците никогаш нема да се спомне.
21Гответе клање за синовите негови поради беззаконието на таткото нивни, за да не востанат и да не завладеат со земјата и да не ја наполнат вселената со непријатели.
22„И ќе станам против нив, — вели Господ Саваот, — и ќе го истребам името на Вавилон и целиот остаток — и син, и внук, вели Господ.
23Ќе им го дадам во посед на ежовите и мочуриштата, ќе го изметам со истребувачка метла, вели Господ Саваот.“
24Со клетва вели Господ Саваот: „Како што намислив, така и ќе биде; како што решив, така и ќе стане,
25за да го погубам Ашур во Мојата земја и да го изгонам од Моите гори; ќе падне од нив јаремот негов, и товарот ќе се симне од рамењата нивни.“
26Такво е решението, определено за целата земја, и еве ја раката, протегната врз сите народи;
27зашто Господ Саваот решил, и кој може да го измени тоа? Раката Негова е протегната, — и кој ќе ја врати?
28Во годината, кога умре царот Ахаз, имаше вакво пророчко слово:
29„Немој да се радуваш, земјо филистејска, дека е скршен жезолот, кој те поразуваше, зашто од змискиот корен ќе излезе отровница и плодот нејзин ќе биде змеј што лета.
30Тогаш најбедните ќе бидат нахранети, немоќните ќе си почиваат во безопасност; а твојот корен со глад ќе го уморам, и тоа ќе го убие твојот остаток.
31Плачете, порти, викај граде, на глас! Ќе се раздробиш ти, цела земјо филистејска; зашто од север иде дим, нема изморен во нивните војски.
32А што ќе соопштат известувачите народни? — Тоа дека Господ го утврдил Сион, и дека во него ќе најдат засолниште сиромасите од народот Негов.“