Isaiah 10
1 Тешко им на оние што создаваат неправедни закони и пишуваат остри решенија,
2 за да ги отстранат сиромасите од правосудието и да ги ограбат правата на слабите меѓу Мојот народ, за да ги направат вдовиците свој плен и да ги грабаат сираците.
3 А што ќе правите вие во денот на посетата, кога смртта ќе дојде оддалеку? Кон кого ќе прибегнете за помош? Каде ќе го оставите богатството свое?
4 Без Мене тие ќе се превиваат меѓу окованите и ќе паднат меѓу убиените. При сето тоа нема да се одврати гневот Негов, раката Негова ќе остане протегната.
5 О, Асиријо, жезол на Мојот гнев и бич на Моето негодување!
6 Ќе го испратам против нечесен народ и против народот на Мојот гнев, ќе му дадам повелба грабеж да граби и плен да плени и да ги гази како улична кал.
7 Но тој нема така да расуди, срцето негово нема да помисли вака; нему на срце ќе му биде — да разурне и да истреби многу народи.
8 Зашто тој ќе рече: „Нели се сите цареви мои кнезови?
9 Кално не ли е она што и Каркемиш? Хамат не ли е она што и Арпад? Самарија не ли е она што е Дамаск?
10 Бидејќи раката моја завладеа со идолските царства, во кои беа идолите повеќе отколку во Ерусалим и Самарија, —
11 нема ли истото тоа да го направам со Ерусалим и со неговите кипови, како што направив со Самарија и со нејзините идоли?
12 А кога Господ ќе го изврши сето Свое дело на гората Сион и во Ерусалим, тогаш ќе го казнам плодот на горделивото срце на царот асирски и дрскоста на високо кренатите му очи.“
13 Зашто рече: „Со силата на Своите раце и со мудроста на Својот разум го направив тоа, зашто сум умен: ги разместив границите на народите, и нивните богатства ги ограбив,
14 раката Моја го ограби богатството на народите како гнезда: како што ги земаат оставените во нив јајца, така ја заграбив јас целата земја, и никој со крило не мрдна, ни уста не отвори, ниту писна.“
15 Се крева ли на големо секирата пред оној што сече со неа? Се гордее ли трионот пред оној што го движи? Како стап да се крева против оној што го дига! Како божем прачка се крева против оној, кој не е дрво!
16 Затоа Господ Бог Саваот ќе испрати немоќ на неговите здрави луѓе, меѓу првенците на Неговата чест — бесчестие, а врз Неговата слава оган на зло ќе се разгори.
17 Светлината на Израел ќе биде оган, а неговиот Светец — пламен, кој ќе ги изгори и ќе ги изеде трњето негови и боцките негови во еден ден;
18 ќе ја истреби славната шума негова и градината негова, од душа до тело, и тој ќе биде како немоќен, кој умира.
19 И другите дрвја од шумата негова ќе бидат толку малубројни, што дури и дете ќе може да им направи попис.
20 И ете, во тој ден Израеловиот остаток и спасените од домот на Јаков нема веќе да се потпираат на оној, кој ги порази, но простосрдечно ќе положат надеж во Господ, Светецот Израелов.
21 Остатокот ќе се врати, остатокот на Јаков, ќе се врати кон Силниот Бог.
22 Зашто, иако твојот народ, Израеле, е колку морскиот песок, само остатокот негов ќе се обрати; решението за истребување е преисполнето со правда;
23 зашто решеното истребување ќе го изврши Господ Бог Саваот, по целата земја.
24 Поради тоа, вака вели Господ Бог Саваот: „Народе Мој, што живееш на Сион, не плаши се од Ашур кога тој ќе те удира со палка и ќе го крене стапот против тебе, како Египет.
25 Уште малку, сосема малку, — и Мојот гнев ќе мине, јароста Моја ќе се сврти да ги истреби.“
26 И ќе крене Господ Саваот бич врз него, како кога го порази Мидјан кај карпата Орев, или како кога го протегна стапот врз морето, ќе го крене како врз Египет.
27 Во тој ден ќе биде симнат од твоите рамења товарот негов, и јаремот негов — од твојот врат; јаремот ќе се скрши од дебелина.
28 Тој доаѓа во Ајат, го минува Мигрон, товари во Михмас.
29 Тие минуваат клисури; во Гева ноќеваат; Рама се тресе; Гива Саулова се разбега.
30 Викај со глас ќерко Галимова; нека те чуе Лаис, Одговори ѝ, Анатоте!
31 Мадмена се разбега, жителите на Гевим брзаат да побегнат.
32 Уште еден ден ќе престојува тој во Нов; со раката своја ја заплашува гората Сион, ерусалимскиот рид.
33 Ете, Господ Бог Саваот со страшна сила ќе ги откине гранките на дрвјата, врвовите ќе им ги пресече, високите — на земја ќе ги собори.
34 И горскиот честар Тој ќе го исече со секира, — а Ливан ќе падне од Семоќниот.